Ана Брнабиќ – мандатар за состав на новата Влада на Србија

Ана Брнабиќ е мандатар за состав на новата влада на Србија, соопшти денеска претседателот Александар Вучиќ врз основа на Уставот на Србија и Законот за претседател на Републиката.

Вучиќ рече дека одлуката е комплицирана и сложена и во најголемата партија во земјата и кај коалициските партнери и дека сите тројца кандидати за премиер ќе бидат важни членови на владата.

„Ана нема да биде премиер четири години. Нејзиниот мандат ќе биде пократок и ќе има промени во Владата во 2024 година“, рече Вучиќ во своето обраќање од Претседателството.

Вучиќ ја предложи Брнабиќ откако го слушна мислењето на претставниците на избраните изборни листи.

Како што рече, вицепремиер ќе биде вториот кандидат на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, додека кандидатот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, ќе има многу важна функција во Владата и ќе биде координатор на безбедносните служби.

Вицепремиер ќе биде актуелниот министер за финансии Синиша Мали.

Брнабиќ покажа исклучителна трудољубивост, рече Вучиќ.

„Затоа што го кажаа најлошото за жена која вредно работеше. Вршеше тешки работи од кои луѓето бегаат и ги избегнуваат. Горд сум што имам таков колега. Способна, образована жена, вредна и пред се лојална на Србија. Знам дека на некои им пречи што нема да зборува лошо за мене, но таа е лојална на Србија. Тешко му беше преку компромиси да состави влада со други“ – рече Вучиќ.

Очекува владата да биде на функција за 15 до 25 дена, но дека тоа не е важно, важно е да биде добар состав на луѓе кои се подготвени од срце да се борат за државата.