
Аналитичари за МИА: Решението да се бара во насока на исклучување на билатералните прашања во преговорите со ЕУ
Факт е дека со Преговарачката рамка се случи преседан и билатерализација на процесот, но мора да се инсистира да се бара решение во насока на исклучување на билатералните историски, идентитетски и јазични прашања од пристапните преговори и голема грешка беше што во 2022 не се постигна национален консензус. Од друга страна, би било крајно наивно да се верува дека евентуалните уставни измени би биле последниот услов на патот кон ЕУ. Сепак земјава од стратешки причини не смее да дозволи Црна Гора, Албанија и Молдавија да се одвојат од нас и да го пополнат просторот кој ни припаѓа, и историски и географски и економски. Планот за раст и согласно со тоа Реформската агенда, е еден обид да се даде поддршка на земјата, и сите во Западниот Балкан, да се истрае на патот кон ЕУ, но секако не е доволна замена за полноправното членство. Ова во анализа за МИА го велат Драган Тилев, експерт за европски политики и Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Факт е дека со Преговарачката рамка се случи преседан и билатерализација на процесот, но мора да се инсистира да се бара решение во насока на исклучување на билатералните историски, идентитетски и јазични прашања од пристапните преговори и голема грешка беше што во 2022 не се постигна национален консензус. Од друга страна, би било крајно наивно да се верува дека евентуалните уставни измени би биле последниот услов на патот кон ЕУ. Сепак земјава од стратешки причини не смее да дозволи Црна Гора, Албанија и Молдавија да се одвојат од нас и да го пополнат просторот кој ни припаѓа, и историски и географски и економски. Планот за раст и согласно со тоа Реформската агенда, е еден обид да се даде поддршка на земјата, и сите во Западниот Балкан, да се истрае на патот кон ЕУ, но секако не е доволна замена за полноправното членство. Ова во анализа за МИА го велат Драган Тилев, експерт за европски политики и Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Со Тилев и Кржаловски разговаравме и околу тоа дали земјава ќе го пропушти следниот бран на проширување во 2030 година, за последните изјави на бугарски претставници во однос на условите за пристапување, за тоа дали е можно да добиеме гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање на Софија…
Се помалку е извесно дека земјава ќе го „фати“ следниот бран на проширување во 2030
Европската комисија ја оцени Реформската агенда на земјава како најдобра и пораката од Брисел е дека треба да се направат реформите, но од друга страна постои прашањето со Бугарија. Доколку не го отвориме првиот Кластер во следната година, постои опасност да не се приклучиме кон следниот бран на проширување, кое се споменува за 2030 година. За тоа како ја оценуваат нашата европерспектива имајќи го сето ова предвид, Тилев вели дека земјава не смее да си дозволи да остане надвор од процесот година до година и пол, додека Кржаловски во поглед на уставните измени не очекува ништо да се случи на овој план пред завршувањето на локалните избори во октомври, а за потоа, вели, сето тоа веројатно ќе зависи и од исходот на изборите и евентуалната рекомпозиција на таа коалиција потоа.
Според Тилев, позитивната оценка на Европската комисија и на земјите членки за квалитетот и опсегот на Реформската агенда е само потврда дека кога сме обединети и фокусирани, успесите се можни.
-Но, да не заборавиме дефинирањето на Реформската агенда е само почетниот чекор. Спроведувањето на реформите и повлекувањето на средства за реализацијата на големите инфраструктурни проекти е многу поголем предизвик. За да се постигне таа цел ќе треба да се обезбедат, покрај неопходната политичка волја и институционални капацитети, зрели проекти и континуитет, независно од кои било избори и изборни резултати до и по 2028 година, изјави Тилев за МИА.
Нагласува дека Реформската агенда не треба и не смее да се одвои од процесот на европска интеграција и од пристапните преговори.
-Треба да се разбере дека процесот на европска интеграција е комплексен и дека бара многу повеќе од Реформската агенда, која е само дел од пристапниот процес, чија цел е и треба да остане, полноправно членство на земјата во Европската Унија, рече тој.
Потенцира дека Македонија не смее да си дозволи да остане надвор од процесот година или година и пол.
-Од стратешки причини не смееме да дозволиме Црна Гора, Албанија и Молдавија да се одвојат од нас и да го пополнат просторот кој ни припаѓа, и историски и географски и економски. Секој сериозен политичар со разум и желба за подобра иднина за Македонија, мора стратешки да се ориентира кон ЕУ како најуспешен мировен проект во историјата кој резултираше и со креирање на втората најмоќна економија во Светот, рече тој.
Потсети дека ЕУ јасно застана на ставот дека процесот на проширување е од врвен геополитички интерес за иднината и за безбедноста на самата Унија.
-Засега интересот на ЕУ и нашиот интерес се преклопуваат и се генератор на проширувањето, односно нашето интегрирање во Унијата. Дали Унијата ќе биде иста по пет или десет години од сега, многу веројатно, не. Унијата ќе се реформира и ќе се менува, исто како што и ние ќе се менуваме и прилагодуваме на новите услови. Но, круцијално за нас е дали и кога и ние ќе го фатиме чекорот со Црна Гора, Албанија и Молдавија, дали тие ќе станат членки пред нас, односно дали имаме политичка мудрост, економски потенцијал и административен капацитет да ја оствариме нашата генерациска стратешка цел пред 2030 година, рече Тилев и додаде дека пречки има, но проблемите се решаваат само доколку постои политичка волја и дипломатска умешност.
Од друга страна пак, Кржаловски смета дека првата исплата на траншата од Планот за раст кон земјава е добар почеток во вистинска насока, но нема да е доволно за почеток на преговорите.
-Условот (за уставни измени) останува, а колку што следам сите досегашни напори да се издејствува нешто од ЕУ во таа насока – одложено дејство на измените, промена на Преговарачката рамка, чинови на добра волја од соседите – не вродија со плод (да не речам Бугарија ги „торпедира“ сите вакви идеи и предлози). Така да, станува јасно дека уставни измени неминовно ќе мора да има, за да отпочнат преговорите, а дали и кога тоа ќе се случи зависи од актуелната владејачка коалиција, истакна Кржаловски за МИА.
Тој не очекува ништо да се случи на овој план пред завршувањето на локалните избори во октомври, а за потоа, вели, веројатно ќе зависи и од исходот на изборите и евентуалната рекомпозиција на таа коалиција потоа.
-Во секој случај, ако нема поместување на овој план брзо после тоа – најдоцна првата половина на 2026 година, извесно е дека ќе се пропушти овој „бран“ на проширување, каде веќе станува извесен приемот на Црна Гора, а иако не е извесен, има значителен напредок и во преговарачкиот процес на Албанија, оценува Кржаловски.
Со Преговарачката рамка се случи преседан и билатерализација на процесот, голема грешка беше што во 2022 не се постигна национален консензус
Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев порача дека уставните измени се прв но не и единствен услов за земјава и оти не гледа билатерализација на процесот туку дека условите за нашата евроинтеграција се резултат на т.н. европски консезус. Во однос на ова, Тилев е дециден дека факт е оти со Преговарачката рамка се случи преседан и билатерализација на процесот, и оти мора да инсистираме да бараме решение во насока на исклучување на билатералните прашања од пристапните преговори. Кржаловски, пак, оценува дека преговорите во 2022 беа „катастрофално водени од наша страна“ и голема грешка, вели, беше што не беше постигнат национален консензус.
Тилев смета дека факт е дека во нашиот случај, со Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, како и со Преговарачката рамка, се случи преседан и билатерализација на процесот на пристапни преговори, или на европска интеграција.
-Никој не е среќен поради таа неправда. Но нема фајде од обидите за враќање на тркалото на историјата. Мора да се турка процесот напред, да се впрегнат сите политички и академски потенцијали на земјата и да се изнајде компромисно решение кое нема да задира во нашите историски корени и кои ќе ги стави билатералните прашања на страна од пристапниот процес.
Во однос на изјавата на Георгиев, вели дека не коментира изјави на политичари, но оваа изјава, оценува, ниту е прва со овој тон и содржина, ниту ќе биде последна.
-Би било крајно наивно да се верува дека евентуалните уставни измени би биле последниот услов на патот кон ЕУ. Секој што барем малку го познава процесот на пристапни преговори знае дека секоја земја членка за кое било прашање може да постави услов, може да го искористи правото на вето или да побара корективни мерки, изјави Тилев.
Но она на што инсистираме, и за што мора да продолжиме да бараме решение, посочува Тилев, е да се исклучат билатералните историски, идентитетски и јазични прашања од пристапните преговори, и да се обезбеди заштита на малцинствата или заедниците од двете страни на границата, согласно меѓународните правила и стандарди.
-Потребна е добра волја од двете страни, неопходен е дијалог, но исто така потребно е робусно учество и од страна на ЕУ лидерите и од страна на клучните земји членки на Унијата, пред се на Франција и Германија, како генератори на европскиот просперитет. Само така ќе може да ја повратиме изгубената доверба во европскиот процес, посочува Тилев.
Кржаловски пак, смета дека може да се оцени дека Бугарија, а и цела ЕУ сметаат дека решението е најдено/постигнато со прифаќањето на „Францускиот предлог“ од нашата тогашна Влада.
-Ова само покажува колку катастрофално беа водени преговорите од наша страна, а тие што и денес тврдат дека „уставните измени се единствениот услов“, како што претходно тврдеа дека „промената на името“ е единствениот услов или дека „само Грција е проблемот“ или се лажат самите себе, или се манипулатори, оцени Кржаловски.
Во секој случај, тој оценува дека политиката на „раздели, па владеј“ што умешно ја применија нашите соседи, донесе до поларизација и раздор кај нас и го усложни можното решавање на проблемот на пристапувањето на Македонија во ЕУ.
-Наместо држење до усогласените државни позиции во таа смисла, чинам со две собраниски декларации, отстапувањето од тоа, со Преспанскиот договор и потоа со „Францускиот предлог“, сега не стави во прилично незавидна позиција. Не се сомневам дека намерите на тие кои ги направија овие отстапки и решенија, не беа водени од најдобри намери да се помрднеме на тој пат кон ЕУ, но голема грешка беше што притоа не се постигна национален консензус. И сега е прашање, дали таков конзензус е можен, а сметам дека е неопходен, за да се продолжи понатаму обединето и единствено, па само така ЕУ би можела и да го прифати ставот кој ќе се усогласи, како државен и можеби ќе реши да отстапи од некои сега утврдени позиции. А секако во меѓувреме треба да се одржуваат и јакнат релациите со соседите, особено Бугарија, рече Кржаловски.
Ризик е ЕУ да ја остави Македонија надвор од процесот
Владата работи на убедување на земјите-членки на ЕУ дека оваа билатерализација создава ризик за нас како држава и за целиот регион, имајќи предвид можно мешање од трети страни. На прашањето дали ЕУ повеќе ќе се ангажира во улога на посредник да ги доближи ставовите на двете земји и да се најде решение, Тилев оценува дека е голем ризик земјава да се остави надвор од процесот, пред се поради регионалните случувања и геополитиката, додека Кржаловски пак, смета дека ЕУ е свесна за можните реперкусии, но „во очите на ЕУ“ на Балканот има поголеми проблеми од нашиот.
-Да се остави Македонија надвор од процесот е голем ризик, прво заради географската позиција на земјата во центарот на Балканскиот полуостров и како крстосница на клучните југо-источни европски коридори 10 и 8 и второ поради апетитите на големите глобални играчи, пред се Русија, но и Кина, за активно и не само економско присуство во регионот. Случувањата во регионот, пред се во Република Србска и во Србија, но и Косово, само ја нагласуваат потребата од разумни политички одлуки и брзо дејствување, вели Тилев.
Тој оценува дека за големите глобални сили, со цел за остварување на нивните цели и интереси и дестабилизација на регионот е во игра.
-Иако сме членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, се додека процесите стојат отворени за клучните глобални чинители, ризикот за нашата безбедност е реален, рече тој.
Кржаловски пак вели дека ЕУ смета дека го нашла решението во нашиот случај и ние сме на потег да ги донесеме уставните измени. ЕУ е свесна за можните реперкусии, но „во очите на ЕУ“ на Балканот има поголеми проблеми од нашиот, пред се односот Србија-Косово, а потоа и состојбите, особено во последно време, во Босна и Херцеговина.
-Така да, ние сме и ќе сме на радарот на ЕУ, но не со преголемо внимание, ниту со посериозни обиди да се придвижи ЕУ интеграцијата освен се разбира, ако самите не ја придвижиме со уставните измени, вели Кржаловски.
Според него, Планот за раст и согласно со тоа Реформската агенда, е еден обид да се даде поддршка на земјата, и сите во Западниот Балкан, да се истрае на патот кон ЕУ, но секако не е доволна замена за полноправното членство.
Дали е можно да добиеме форма на т.н. „институционална гаранција“ и предвидливост на патот напред кон ЕУ?
За ова прашање Тилев смета дека ова не би било лесно но возможно, додека Кржаловски оценува оти тоа не е возможно, имајќи ги предвид последните изјави на еврокомесарката за проширување Марта Кос, но и фактот дека друга земја би можела да стави вето, доколку не се види напредок, на пример во областа на корупцијата.
Според Тилев, излезот е во проактивен однос кон барањето на решение, креирање на позитивна клима и создавање на пријатели и поддржувачи за нашите аргументи и барани „гаранции“.
-Но „гаранциите“ ќе мора и попрецизно да ги дефинираме и погласно да ги артикулираме. На пример, „гаранциите“ како услов за промена на Уставот, би можеле да се дефинираат и во смисла на, прво, признавање на македонскиот јазик од страна на ЕУ како еден од официјалните јазици на ЕУ, како дел од пристапните преговори и Поглавјето 34, второ, обезбедување од страна на ЕУ на непречена работа на Комисијата за историски и образовни прашања без никакви временски рамки и ослободени од политички притисоци и со можна меѓународна експертска поддрша во работата, трето, гаранции од ЕУ за воздржување од унилатерално толкување на спорните делови од Билатералниот Договор за добрососедство и непотребно создавање на клима на недоверба и политички анимозитети, вклучително и во делот на историја, образование и култура, четврто, утврдување на заеднички правила од страна на ЕУ за следење и елиминирање на говорот на омраза од двете страни и на сите нивоа од општеството, вклучително и социјалните мрежи и дигитални медиуми, пето, неселективно признавање на сите одлуки на Судот за човекови права на Советот на Европа, шесто, писмен договор за завршување на Коридорот 8 од двете страни со гаранции од ЕУ, седмо, отворање на граничниот премин Клепало од двете страни со посредство на ЕУ, вели Тилев.
Според него, за погласно да ги артикулираме овие или било кои други помудри „гаранции“, треба да се искористи тековното полско и следното данско претседавање со Советот на ЕУ до крајот на 2025.
-Покрај сите предизвици со кои се соочува ЕУ во моментов, или токму поради тие предизвици, треба да се промовира Македонија како фактор на стабилност во турбулентниот регион. Ние сме единствената земја во целиот поширок регион со делинеирана и демаркирана граница без ниту еден територијален спор, функционално мултинационално и мултиконфесионално општество, со вградени механизми за заштита на правата на сите заедници или малцинства, нагласува Тилев.
Во меѓувреме, додава, треба да ја затвориме постапката за дефинирање на Патоказ за владеење на правото придружен со Акциски план за заштита на правата на поединци кои им припаѓаат на малцинствата или заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација.
-Круцијално е прецизно дефинирање на Акцискиот план, со цел да се избегне во следната фаза внесување во пристапните преговори на прашања од билатерален карактер и утврдување на времени одредници поврзани со тие прашања. Акцискиот план е клучот од кој треба да се започне градењето на браната „гаранциите“ од билатерални притисоци, потенцира тој.
Кржаловски, пак, смета дека е невозможно да се дадат „институцинални“ гаранции.
-Чинам дека тоа не е можно, а и самата еврокомесарка за проширување Марта Кос, експлицитно го изјави тоа неодамна. Има напор од известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц, да се издејствува нешто такво на пример декларација на ЕУ Парламентот, но прво е прашање дали такво нешто ќе помине, т.е. биде изгласано како опција во заклучоците на неговиот извештај за Македонија, со оглед на бројните амандмани, а потоа и дали ќе се стигне до таква декларација, треба посебно да се подготови и изгласа, а и да помине сето тоа – дали ќе има каков било ефект, бидејќи тие не се задолжителни за земјите членки. Така да, нема посебна потреба да се замараме со тоа прашање и очекуваме нешто од ЕУ, (и да го има, ништо нема да значи, нагласува тој.
Додава дека со оглед на состојбите со корупцијата во земјава во последниве години, не би се изненадил следното „вето“ на нашиот пристапен пат кон ЕУ, дури и да го надминеме проблемот со Бугарија и уставните измени – ќе биде од Холандија, токму заради лошите параметри во однос на владеењето на правото.
И да се усвои принципот на гласање со квалификувано мнозинство во ЕУ, неизвесно е дали ќе биде применлив за сите прашања вклучително и проширувањето
Во однос на тоа колку е реално да се оствари иницијативата за промена на одлучувањето во ЕУ наместо со консензус да се гласа со квалификувано мнозинство, со што би елиминирале билатералните пречки во преговорите со ЕУ, Тилев смета дека тоа е нереално очекување, барем не во догледна иднина бидејќи тоа е тема години наназад. Кржаловски, пак, смета дека иако тоа е реална иницијатива и ЕУ работи на тоа овој систем да биде изменет до 2030 година, сепак, засега не е извесно дека тоа ќе се постигне.
-Лично сметам дека тоа е нереално очекување, или секако не во догледна иднина. Факт е дека начинот на одлучување е тема на политички и стручни дебати години наназад. Брзите глобални промени бараат и брзи одлуки, а тие се тешко возможни кога нерационално се користи правото на вето, од било која членка на Унијата. Но, факт е и дека за укинување на едногласноста потребна е измена на Договорот за основање на Унијата, за што е потребна и едногласност од сите земји членки. Тука кругот, за сега, се затвора, оценува Тилев.
Вели дека за таква суштинска промена на Договорот нема поволна клима – малите членки се плашат дека на тој начин ќе ја изгубат можноста да влијаат на крупните политички одлуки и дека ќе го нагризаат тлото за одбрана на своите национални интереси.
-Во некои наши кругови, се заговара позиција за статус кво во пристапниот процес, односно чекање на промена на начинот на одлучување во Унијата и евентуално бајпасирање на ветото на Бугарија, или некое следно вето. Чекањето на нешто што во догледно време нема да се случи, е само изгубено време во круцијални политички моменти, кога не само што не смее да се успорува процесот, туку по секоја цена треба драстично да се забрза нашето интегрирање во Унијата, оценува тој.
Нагласува дека на рационалните политичари би требало до сега да им биде јасно дека нашиот влез во Унијата, пред се заради стратешки и државни интереси, мора да се случи пред, или заедно со нашите соседи од Западниот Балкан. Во спротивно, вели, чувството на незадоволство ќе се зголемува и ќе креира потенцијал за длабоки национални фрустрации.
Кржаловски, пак, вели дека принципот на квалификувано мнозинство засега не е јасно и дали ќе биде применлив на сите прашања, т.е., вели тој дали прашањето на проширувањето ќе влезе во групата на точки по кои нема веќе да се гласа со консензус.
-Па така, иако е можно, не би требало многу да се надеваме на тоа, зошто секако би ни го одложил процесот на пристапување за 5-6 години, освен ако, како што нагласив погоре – не постигнеме национален консензус дека тоа ќе ни биде стратегијата, нагласува Кржаловски во анализата на МИА.