Анализите покажуваат дека во земјава сивата економија изнесува над 33 проценти од БДП

Државата нема воља да стави крај на работата на црно. Ова е впечатокот на бизнисот, кој со години апелира да се реши проблемот. Според проценките поради сивата економија, која ја нарекоа мотор на корупцијата, буџетот годишно губи околу една милијарда евра. Во 21 век се уште се дели плата во плико, а на се повеќе места не издаваат ниту фискални сметки.

„Сведоци сме дека не се издаваат фискални сметки и се оди со пристапот, ќе ви ја намалиме цената за 20 отсто, ако не ви издадеме фискална сметка“ вели Павле Гацов, даночен експерт.

„Ако ја земеме 2022 година тогаш сивиот дел изнесува 4 милијарди и 282 милиони евра, ако ја продолжите пресметката тоа е 1 милијарда и 280 милиони евра во државниот буџет“ – рече Зоран Јовановски, потпретседател на СКМ

Првиот човек СК, Азески бара УЈП наместо црна, да објавува бела листа за да се види кој го полни буџетот и кој е одговорен, дури и во вакви турбулетни времиња.

„Остава таков простор за нерамноправна борба. Тие субјекти кои плаќаат ги нема никаде, не може ни да се искажат, а тие што не плаќаат тие се главни и ние ги објавуваме овие, а другите ги криеме“ – вели Бранко Азески.

Анализите покажуваат дека во земјава сивата економија изнесува над 33 проценти од БДП. Ова е далеку повисоко од европскиот земји каде изнесува околу 19 отсто. Бизнисот смета дека е крајно време да се најде решение на овој проблем кој ја јаде економијата веќе 30 години.

Затоа што кога недостасуваат пари во буџетот, повторно товарот го носат оние кои се најдисциплинирани, наместо да се натераат да плаќаат давачки оние кои тоа не го прават.