Анализа на БИРН: Храната и основните продукти стануваат луксуз
Во последните неколку години, практично е невозможно да се избегнат разговори за тоа колку се зголемени цените, особено на основните прехранбени производи и продукти. Така беше и во предновогодишниот период.
Во последните неколку години, практично е невозможно да се избегнат разговори за тоа колку се зголемени цените, особено на основните прехранбени производи и продукти. Така беше и во предновогодишниот период.
Свесни за тој проблем, и претходната, и оваа власт најавуваа решенија. Без разлика која партија беше на власт, мерките, без исклучок, секогаш беа критикувани од опозицијата и до некој степен заобиколени од трговците.
Цените некогаш спласнуваа, но генерално продолжија да се движат во една насока: нагоре. Така што, иако оваа тема постојано е присутна во јавноста и во медиумите, на ниво на меѓупартиски препукувања, тешко беше да се добие реална слика што и колку е поскапено.
Затоа, БИРН анализираше два ланци на маркети – еден што важи за поевтин и еден што важи за поскап – со цел да утврди колку, всушност, се качиле цените на продуктите меѓу 2021 и 2024 година.
„Наполнивме“ една кошничка од 10 производи од поевтиниот маркет за да ги увидиме разликите. Во неа ставивме еден килограм свежо пилешко филе, свеж сок од портокал, шише вино од бренд што се смета за поевтин, пакување тоалетна хартија од 16 ролни, 500 грама маслинки, бел леб, 200 грама турско кафе, компири, кисело млеко и половина килограм кравјо сирење.
Сево ова пред три години би нè чинело 1.224 денари, доколку ниеден производ не бил на акција. Денес, истата кошничка чини 1.630, или е поскапа за 406 денари.
Ако сакаме да потрошиме слична сума на пари како во 2021 година, би требало да ги вратиме на рафтовите виното, маслинките, кафето и киселото млеко.
Освен лебот, чија цена е намалена за 15 отсто, сѐ друго во оваа кошничка е поскапено. А најголемиот скок во цената се забележува кај тоалетната хартија за 38 отсто и кај сирењето за 52 отсто.
Ја одбравме 2021 година за споредба со ланската бидејќи претставува некој вид нулта точка во однос на глобалните настани, кои имаа ефект и врз домашната економија. Односно, 2021 е една година по почетокот на ковид-пандемијата и една година пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, во изјава за БИРН вели дека зголемувањето на цените на крајот на 2022/2023 се должеше на глобалниот прекин на ланците на снабдување.
„Во такви услови, тоа економски е вообичаено бидејќи немаше зголемување само во Македонија, туку во цела Европа“, изјави тој.
Некои од цените за периодoт од пред три години сѐ уште се достапни онлајн на летоците објавени на социјалните мрежи на маркетите.
Месото и млечните производи најмногу поскапеле
Анализата на БИРН покажа дека во продавниците ретко може да се најдат продукти што не се поскапи од пред три години, без разлика дали пазарите во поевтиниот или во поскапиот маркет.
Најголемиот раст на цени може да се забележи кај свежото месо и кај млечните производи. Производите од овие категории што ги анализиравме во поевтиниот маркет поскапеле од 15 до 40 отсто, а во поскапиот маркет цените им се зголемени од 40 до 60 отсто.
Во еден екстремен случај во поскапиот маркет, 900 грама павлака, која била 119 денари во 2021 година, сега чини 215, односно е поскапена за 80 отсто.
Исто така, одредени млечни производи што сега се навидум поевтини, всушност се продаваат во помали пакувања. На пример, литар и пол јогурт во поскапиот маркет, кој се продавал за 73 денари, сега се продава во пакување од само еден литар и чини 65 денари. Ефективно, цената на овој јогурт не се намалила, туку се зголемила за отприлика третина.
А кај хигиенските производи, БИРН, не само што забележа намалување на пакувањата, туку и зголемување на цените. На пример, прашок за перење во поевтиниот маркет, кој се продавал во пакување од три килограми чинел 409 денари во 2022 година, сега се продава во пакување од два килограми и 250 грама за 499 денари.
„Едноставно, сѐ е поскапено“, вели за БИРН, Светлана Димовски, советничка за социо-економски прашања на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), давајќи пример дека и фастфуд-храната веќе станува луксуз.
Според неа, членовите на ССМ реагираат исто како и секој граѓанин во Македонија, бидејќи како што вели таа, сите се засегнати од ова поскапување.
„Платите не растат, а цените на производите растат. Нема синхронизација, нема ништо со што би можеле да го поткрепат работниците ова поскапување“, децидна е претставничката на синдикатот.
Вкупните трошоци за живот се повисоки
Минималната синдикална кошничка што секој месец ја изработува ССМ е индикаторот дека не се зголемени само цените на храната и на основните продукти, туку дека сериозно се покачени вкупните трошоци за живот.
Почнувајќи од 2009 година, секој месец ССМ изработува минимална синдикална кошничка, со која се пресметува колку минимум средства му се потребни на едно четиричлено семејство за да го преживее месецот. Освен храната и пијалаците, кошничката ги вклучува компонентите домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје.
А од 2024 година се додадени нови компоненти, како образование, хотели и ресторани и комуникации, кои вклучуваат трошоци за интернет, со цел да се земат предвид новите потреби на граѓаните.
Вредноста на минималната кошничка се менувала од година во година, но до пред неколку години, тие годишни разлики не биле толку драстични колку што се сега.
Меѓутоа, таа релативна стабилност престанува да биде статус кво во 2022 година, кога во месец јануари, минималната кошничка изнесувала нешто помалку од 36.000 денари, а сумата за месец декември била околу 51.000 денари, односно зголемување на трошоците за 43 отсто.
Иако инфлацијата сега е побавна, трошоците продолжуваат да растат.
Вредноста на минималната синдикална кошничка за декември 2024 година била 62.000 денари, или нешто повеќе од 78.000 денари, ако се додаде и сумата што на некои семејства им е потребна за изнајмување стан.
Моментално, активна е владината мерка наречена новогодишна кошничка, која трае од 15 декември до 15 јануари, со која се ограничуваат маржите и би требало да има намалување од барем 10 отсто на основните прехранбени производи.
Но, впечатокот на повеќе засегнати страни е дека трговците ги покачуваат цените непосредно пред владините мерки, со што, не само што не се намалуваат цените, туку, според синдикатите, всушност се зголемуваат.
Од ССМ велат дека цената на 63 основни производи, кои се дел од Синдикалната минимална кошничка за храна и пијалаци, наместо да биде намалена за 10 отсто, во декември, всушност, била зголемена за 397 денари.
Граѓаните особено ги чувствуваат овие покачувања за време на празниците, кога на домашната трпеза се служи храна, не само на потесното семејство, туку и на роднини и пријатели. Се купуваат и „полуксузни“ производи, како вино, десерти и новогодишни пакетчиња.
Но, секое семејство не може финансиски да ги издржи ваквите прослави.
„Наша колешка со поголема фамилија ни раскажа дека вообичаено пред Нова година прави колачиња за десетина луѓе, но годинава мора да скрати бидејќи бисквитите што ги користела порано биле 90 денари, а истите бисквити сега се 150 денари“, вели синдикалката Светлана Димовски за БИРН.
Високи профити и неуспешни владини мерки
Како и оваа, претходната влада, исто така, воведе многубројни мерки, како замрзнување на цените и маржите за да се спречи зголемувањето на цените, но тие не се покажаа како доволно ефективни.
Поранешниот економски вицепремиер Битиќи смета дека сегашното зголемување на цените веќе е нелогично зашто стапката на инфлација сега се намалува.
Бидејќи Македонија е увозно-зависна земја, тој вели дека ваквите цени се резултат, или на манипулација со ланецот на снабдување, или поради договарање на одредени економски актери, односно трговците.
„Во времето кога мерките беа активни, немаше зголемување на потрошувачката кошничка. За жал, во моментот кога се прекинуваа мерките, имаше зголемување на цените“, се потсетува Битиќи.
Пред Нова година, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, обвинуваа за трикови и манипулации од страна на маркетите и најавија дека ќе има построги мерки и казни доколку ланците не ги променат практиките.
„Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат“, изјави премиерот неколку дена пред Нова година, најавувајќи поголеми пазарни инспекции.
Економскиот експерт Павле Гацов објасни, за БИРН, дека македонските трговци ја користат својата позиција за да ги максимизираат профитите, иако има простор за намалување на цените.
Тоа се одразува и во заработката на трговците. Во 2021 година, најголемите седум ланци имале вкупно профит од речиси 30 милиони евра, а во 2023 година, оваа бројка достигнува 35 милиони, или е за 16,6 отсто повисока.
Сепак, за разлика од политичарите, Гацов не ја фрла вината целосно кон трговците, бидејќи, како што вели тој, тие не се социјални претпријатија и затоа е логично што се обидуваат да ги зголемат нивните заработки.
„Државата е таа што, преку мерки и механизми, треба да ја ограничи во прифатливи рамки таквата тенденција на македонските трговци. Затоа трговците треба да бидат општествено одговорни, а државата треба да ја уреди нивната ‘општествена одговорност’“, изјави тој.
Според него, мерката за ограничување на профитните маржи на подолг рок и примена на Законот за нефер трговски практики би дале системски резултати врз трендот на зголемување на цените.
А опозицискиот СДСМ предлага укинување на ДДВ на основните производи храна, со што, тие тврдат, граѓаните би заштедиле околу 2.000 денари месечно без дополнително оптоварување на компаниите.
Од ССМ, пак, го гледаат решението во зголемените и редовни контроли на маркетите, но и зголемувањето на платите.
„Се бориме за платите да бидат барем како во регионот, за работниците тука да имаат барем за скромна живејачка. Еве, на пример, Србија има поголема минимална плата од нас и затоа бараме да има зголемување на минималната плата на 450 евра“, заклучи таа.
Анализата е направена од БИРН