
(Анализа) Капитални расходи, за половина година релизација од само 26,2 отсто
„Моторот“ на јавните инвестиции се ресорите кои располагаат со милионски буџети за оваа намена – само еден ресор од оваа група успеал да оствари над 50% од планот, а дел не успеале да реализираат ниту третина.
Седум министерства за половина година потрошиле помалку од 10% од годишната сума за капитални расходи. Највисока реализација од 99,5% има во Министерството за односи меѓу заедниците, но се работи за буџет од околу 9.000 евра, пишува Порталб.мк. „Моторот“ на јавните инвестиции се ресорите кои располагаат со милионски буџети за оваа намена – само еден ресор од оваа група успеал да оствари над 50% од планот, а дел не успеале да реализираат ниту третина.
Рангирање: Колку пари потрошија министерствата за јавни инвестиции
Споредба на податоците од Министерството за финансии што ја направи „Порталб“ покажува дека во првото економско полугодие дури седум министерства потрошиле помалку од 10% од парите за капиталните расходи: Министерство за правда со реализација од 0,42%, Министерство за локална самоуправа со 1,68%, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија со 3,60%, Министерството за животна средина со 4,42%, Министерството за енергетика испорача реализација од 5,27%, Министерството за дигитализација 5,9% и Министерството за економија и труд со 6,1%.
Од друга страна дел од ресорите со „симболични“ суми за јавни инвестиции, за половина година потрошија поголем дел од средствата за оваа намена и во оваа група е Министерството за односи меѓу заедниците кое ги потрошило скоро сите 8.000 евра планирани за целата година.
Дел од ресорите кои располагаат со поголеми развојни буџети испорачаа стапки на реализација на капиталните расходи повисоки од 40%, но дел не потрошија ниту една третина од планираната годишна сума. Министерството за одбрана, кое располага со повисок износ за капитални расходи, за 6 месеци потрошило 50, 37% од планираните годишни средства за оваа намена. Реализацијата во Министерството за внатрешни работи изнесува 39,4%, во Министерството за земјоделство 26,62% а во Министерството за транспорт 26,55%.
Реализација на капитални расходи (полугодие)
(ресори со поголеми годишни буџети)
Мин. за одбрана 50,37%
Мин. за внатрешни работи 39,40%
Мин. за земјоделство 26,62%
Мин. за транспорт 26,55%
Мин. за образование 21,20%
Мин. за соц.политика 17,32%
Мин. за финансии-функции на држава 17,25%
Мин. за здравство 13,60%
Мин. за животна средина 4,42%
Извор : МФ
Во групата ресори со поголеми буџети кои се бројат во десетици милиони евра се и Министерството за образование кое за половина година испорача реализација од 21,2%, Министерството за социјална политика потрошило 17,32 % , Министерството за финансии- функции на држава 17,25%, а Министерството за здравство 13,60%. Министерството за животна средина, исто така има десетици милиони тежок буџет за јавни инвестиции, за шест месеци испорача реализација од само 4,42%, што е една од најниските стапки меѓу сите министерства.
Новите полугодишни податоци со кои се опфатени 85 институции, агенции, ресори и други буџетски корисници, само 12 успеале да реализираат над 50% од вкупната годишна сума за капитални расходи.
И со ребалансот на буџетот Владата го задржа амбициозниот план за капитални расходи на ниво 780,5 милиони евра. Сумираните податоци покажуваат дека во првите шест месеци биле потрошени 204,8 милиони евра, а во втората половина од годинава за јавни инвестиции треба да се потрошат уште 575,6 милиони евра.