Анализа: Идејата за влез во ЕУ без глас не е нова, креирана во 2018, на хартија ставена во 2021 – 48 Часа го објавува документот

Последнава година премиерот на Албанија, Еди Рама во повеќе прилики започна да ја пласира тезата дека Албанија е на пат да стане членка на ЕУ до крајот на 2027 година без право на глас или не целосно интегрирана членка. Со тоа што Рама во повеќе пати надополни дека бенефитите на Албанија ќе бидат многу поголеми отколку недостатокот на право на глас.

Последнава година премиерот на Албанија, Еди Рама во повеќе прилики започна да ја пласира тезата дека Албанија е на пат да стане членка на ЕУ до крајот на 2027 година без право на глас или не целосно интегрирана членка. Со тоа што Рама во повеќе пати надополни дека бенефитите на Албанија ќе бидат многу поголеми отколку недостатокот на право на глас.

Премиерот Христијан Мицковски последниве два дена исто така ја пренесе информацијата дека во одредени кругови на Брисел постои идеја и Македонија заедно со Украина, Албанија и Црна Гора да стане член на ЕУ до крај на 2027 без право на глас.

48 Часа направи деск анализа на идејата со цел пошироката јавност да добие увид и информација зад веста за што точно станува збор.

Идејата дека некоја држава може да влезе во Европската унија, а да нема исти права како останатите членки – особено право на глас во Советот на ЕУ – не е официјална политика на Брисел. Таа не произлегува од формална одлука на Европската комисија или Европскиот совет. Станува збор за концепт кој постепено се развива во академски и тинк-тенк кругови, а подоцна влегува во пошироката политичка дебата како можно „прагматично решение“ за забрзано проширување.

Првите јасни формулации на ваков пристап се појавуваат по 2018 година. Во 2018 година францускиот експерт Пјер Мирел, поранешен висок службеник во Европската комисија задолжен за проширување, во анализа објавена од Фондацијата „Роберт Шуман“ предлага идеја за „пробен период на членство“ пред добивање на целосни права. Фондацијата „Роберт Шуман“ е француски проевропски тинк-тенк кој анализира европски политики и често влијае врз политичката дебата во Париз и Брисел. Мирел тогаш не зборува директно за „членство без глас“, но отвора врата за концепт на постепено стекнување на права.

Клучен момент кога за првпат систематски е разработена идејата е во 2018 година во документ на бриселскиот тинк-тенк Centre for European Policy Studies (CEPS), подготвен од Мајкл Емерсон и Стивен Блокманс. Концептот е претставен како модел за постепена интеграција на кандидатите во политиките и институциите на ЕУ пред полно членство. Во 2021 истите автори на кои им се приклучуваат и други креира втор документ и го издава истиот Центарот за европски политики (CEPS) од Брисел. Документот од 2021 носи наслов „A Template for Staged Accession to the EU“. Авторите предлагаат модел на „постепено пристапување“, каде земјите кандидатки би можеле да учествуваат во институциите и политиките на ЕУ пред полноправното членство. Во документот експлицитно се спомнува можноста за „целосно функционално учество без право на глас“ во одредена фаза. Ова е прв пат јасно да се артикулира идејата дека една држава може да биде дел од системот, но без да гласа.

Во јуни 2022 година Европскиот совет, телото кое ги обединува лидерите на земјите членки, во своите официјални заклучоци ја користи формулацијата „gradual integration“ – постепена интеграција уште за време на пристапниот процес. Ова е прв пат концептот да влезе во официјален документ на ЕУ. Сепак, таму не се зборува за членство без глас, туку за постепено вклучување во политики и програми пред формалниот прием.

Во ноември 2023 година Европската комисија го претставува Планот за раст за Западен Балкан. Овој план предвидува постепена интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар, пристап до фондови и политики, но под строги услови и врз основа на реформи. Комисијата јасно зборува за интеграција пред членство, но не предлага нова категорија на „втора класа членство“.

Во декември 2023 година претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел повторно ја нагласува потребата од постепена интеграција без да се чека финалната одлука за проширување. Повторно, нема формална поддршка за членство без право на глас, туку за фазно вклучување.

Во 2024 и 2025 година дебатата дополнително се засилува поради геополитичкиот контекст, особено по руската агресија врз Украина. Неколку европски тинк-тенкови, меѓу кои и Институтот „Жак Делор“ од Париз – организација која го носи името на поранешниот претседател на Европската комисија и има силно влијание врз европските реформи – објавуваат анализи во кои се спомнуваат модели како „associate membership“ или „observer status“, односно асоцирано членство или статус на набљудувач без право на глас во одредени институции. Но и овие предлози остануваат на ниво на академска и политичка дебата.

Важно е да се нагласи дека договорите на Европската унија, односно основачките правни акти, не предвидуваат категорија „членка без право на глас“. Правото на глас во Советот на ЕУ е составен дел од институционалната рамка. Затоа, доколку би се вовела таква формула, тоа би барало измени на договорите или специјални дерогации во пристапниот договор на новата земја – што е правно и политички сложено.

До денес нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент која предвидува прием на земја како полноправна членка без гласачки права. Она што официјално постои е концептот на постепена интеграција – повеќе бенефити, повеќе пристап до пазарот и фондовите пред формалното членство, но не и нова категорија на „втора класа“ членство.

Повеќе на 48 часа мк