Америка очекува војната во Израел да влезе во нова фаза: Потребно е „намалување на она што го видовме“

Американската влада очекува војната на Израел против Хамас во Појасот Газа да влезе во нова фаза во наредните денови, се наведува во извештајот на американските медиуми.

Американската телевизија Си-Ен-Ен објави, повикувајќи се на висок владин функционер во Вашингтон, дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден очекува намалување на воздушните напади и посилно „тактичко фокусирање на копнената кампања“.

Официјалниот претставник рече дека целта најверојатно е да се расчисти огромната тајна мрежа од подземни тунели од кои дејствува Хамас. Додека хуманитарната помош продолжува да се влева во Појасот Газа, американската влада очекува „намалување на она што го видовме“ од масовните израелски воздушни напади.

Од нападот на 7 октомври од страна на палестинската екстремистичка група Хамас, која владее со Појасот Газа, Израел соопшти дека погодил повеќе од 12.000 цели во крајбрежната област. Во меѓувреме, копнените сили напредуваат и против терористите на Хамас и воени цели таму.

По масовните воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија, израелската пешадија тврди дека пронашла оперативни планови, мапи и комуникациска опрема на Хамас, како и лични информации за командантите и терористите на Хамас, според воени извори.

Овие информации ќе бидат анализирани од израелското разузнавање и ставени на располагање на војската за идните битки, се вели во соопштението. Палестинските извештаи велат дека многу од жртвите во кампот Џабалија биле цивили. Израелската војска соопшти дека сè уште не може да каже колку цивили загинале, тврдејќи дека во нападите биле убиени 50 терористи.

Информациите дадени од двете страни е речиси невозможно независно да се проверат.