Американски функционер: САД ќе учествуваат на мировниот самит за Украина

САД ќе учествуваат на мировниот самит што Украина го организира во Швајцарија следниот месец, изјави денеска американски официјален претставник, но одби да каже кој ќе присуствува или на кое ниво ќе присуствуваат САД, пренесе Ројтерс.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно денеска апелираше до светските лидери, меѓу другите, американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг, да се приклучат на самитот бидејќи, како што наведе, напорите на глобалното мнозинство се најдобрата гаранција дека сите обврските ќе бидат исполнети.

Во своето обраќање до светските лидери од Харков во пресрет на мировниот самит во Швајцарија, Зеленски рече дека не постои нација која може сама да ја запре војната во Украина и дека за тоа е потребен ангажман на највисоките светски претставници и ги покани да се приклучат на самит во што поголем број.