Американски научници успеале да произведат повеќе енергија отколку што потрошиле

За првпат е направен огромен пробив во експериментирањето,и американските научници успеале да произведат повеќе енергија отколку што потрошиле, јави Би-Би-Си.

„Ова е најава која се подготвува со децении“, објави денеска на Твитер американското Министерство за енергија.

„На 5 декември 2022 година, тим од DOE [Националната лабораторија Лоренс Ливермор] влезе во историјата со постигнување самоодржлива фузија. Овој пробив засекогаш ќе ја промени иднината на чистата енергија и националната одбрана на Америка“, е објавено на твитер.

Пробивот означува пресвртница на патот кон развивање на нов извор на енергија кој можеби еден ден би можел да генерира електрична енергија во огромни количини на одржлив и безбеден начин.

Американската министерка за енергетика Џенифер Гранхолм денеска потврди дека американските научници постигнале голем напредок во развојот на технологијата за фузија, енергијата што ги напојува Сонцето и ѕвездите.