Американски медиуми: Американците стравуваат дека по укинувањето на абортусот можат да им бидат загрозени и други права

Одлуката на Врховниот суд на САД да ја укине уставната гаранција за правото на абортус ги зголеми стравувањата од можна остра промена надесно, а милиони Американци внимателно следат дали судот ќе укине нешто друго од она за кое тие веруваат дека им е уставно загарантирано право, кое им го обезбедиле претходните генерации, го пренесува Радио Слободна Европа пишувањето на светските медиуми.

Во пресудата на Врховниот суд на САД од 24 јуни, со која е поништено правото на абортус, дојде до скриена „експлозија“, посочува Фајненшл тајмс.

„Во идните случаи треба да ги разгледаме сите материјални преседани на овој Суд во согласност со законот“, напиша 74-годишниот конзервативен судија Кларенс Томас.

Со таа една фраза, посочува Фајненшл Тајмс, судијата Томас предизвика стравувања кај либералната Америка дека највисокиот суд во земјата ќе ги преврти преседаните со кои се воспоставени уставните права според слични принципи како во случајот Ро против Вејд.

Томас наведе три цели, се наведува во весникот, додавајќи дека станува збор за пресуда од 1965 година со која е утврдено правото на контрацепција, од 2003 година со која се разјаснува правото на сексуален однос со личност од ист пол и од 2015 година со која се гарантира пристапот кон истополови бракови.

Позицијата на судијата Томас ја зголеми можноста дека наскоро ќе се појават нови предизвици против правото на употреба на контрацепција и истополови бракови, иако многу конзервативци велат дека шансите Врховниот суд да ги преиспита општоприфатените одлуки за тие права се мали, пишува Волстрит Џурнал.