САД доминираат на олимписките кошаркарски турнири, а тоа го потврдија и во Париз.
Само четири пати во историјата селекцијата на САД не успеа да дојде до златото, а поради таквата сурова доминација во однос на другите репрезентации, многумина се склони да проценат дека тоа е поради некакви незаконски средства.
Затоа во јавноста се шират многу теории на заговор, особено онаа дека Американците не одат на допинг-тестови. Сега, Грант Хил, поранешен американски кошаркар и денешен директор на репрезентацијата објави каква е вистинската ситуација.
Не знаеме што се случуваше во Париз годинава, но на Олимпијадата во 1996 година, кога и тој беше дел од тимот на САД што го освои златото, откри како се одвивала допинг-тест контролата.
-Беше одлично, го освоивме златото, имавме одличен тим, но… Никој не сакаше да биде најдобар стрелец на натпреварот, затоа што никој не сакаше да направи допинг-тест потоа. Го разбравме системот. Тие секогаш го тестираа најдобриот стрелец, тоа беше обично Карл Мелоун. Затоа, на крајот на секој натпревар, само си ја подававме топката, никој не сакаше да постигне кош. Ние, всушност, не сакавме да одиме да направиме допинг-тест и да останеме еден час по натпреварот во затворен простор, бидејќи сето тоа траеше предолго – проговори Хил.
Затоа, само по еден играч одел на допинг-тест по меч, иако целата селекција отскокнувала меѓу другите репрезентации по квалитетот.
За разлика од САД, кинеските пливачи, кои беа најдобри во Париз во однос на другите, беа подложени на допинг-тест, и тоа сите.
Што се однесува до американската кошаркарска репрезентација во Париз, нема информации за допинг- тестирање, додека ВАДА е во конфликт со американската допинг-агенција, УСАДА.
Според информациите објавени во текот на Игрите, најмалку тројца спортисти од САД во одреден момент биле допингувани.
Факт е дека ВАДА има двојни аршини за одредени земји, а доколку беше Русија во оваа ситуација, сигурно ќе беа тестирани сите кошаркари, од прв до последен.