Американскиот Сенат го потврди милијардерот Ајзакмен за нов шеф на НАСА

Американскиот Сенат го потврди претприемачот милијардер Џаред Ајзакмен за шеф на Националната аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), со што завршија неколкумесечните неизвесности околу раководството на вселенската агенција.

Американскиот Сенат го потврди претприемачот милијардер Џаред Ајзакмен за шеф на Националната аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), со што завршија неколкумесечните неизвесности околу раководството на вселенската агенција.

Ајзакмен, близок соработник на технолошкиот милијардер Илон Маск, беше потврден со 67 гласа „за“ и 30 „против“. Тој сега ќе ја надгледува амбициозната лунарна програма на американскиот претседател Доналд Трамп. Претходно, министерот за транспорт Шон Дафи служеше како привремен шеф на агенцијата.

Трамп првично го предложи Ајзакмен за шеф на НАСА минатиот декември, додека сè уште беше новоизбран претседател. Номинацијата подоцна беше повлечена кон крајот на мај поради спор со Маск, според извештаите на американските медиуми, вклучувајќи го и „Њујорк Тајмс“. Во неочекуван пресврт, Трамп повторно го номинираше Ајзакмен на почетокот на ноември, поздравувајќи ги неговите акредитации и визија за истражување на вселената.

– Страста на Џаред за вселената, неговото астронаутско искуство и посветеноста кон поместување на границите на истражувањето, откривањето на мистериите на универзумот и унапредувањето на новата вселенска економија, го прават идеален за водење на НАСА во една смела нова ера, напиша Трамп. Причините за промената на првичната одлука не беа јавно објавени.

Ајзакмен привлече големо внимание во последните години како водач на две приватни вселенски мисии. Во 2021 година, тој леташе во рамките на цивилна мисија која кружеше околу Земјата речиси три дена. Во септември 2024 година, учествуваше во мисијата „Polaris Dawn“, за време на која екипажот достигна висина од околу 1.400 километри и изведе кратка прошетка во вселената.

Трамп го постави враќањето на американските астронаути на Месечината како централна цел.

Во рамките на програмата „Артемис“ (Artemis), НАСА има за цел да ги врати астронаутите на Месечината за првпат по повеќе од 50 години, како темел за идни мисии на Марс. НАСА планира да испрати четиричлен екипаж во орбитата на Месечината до април 2026 година, а слетувањето на екипаж на Земјиниот сателит е предвидено за 2027 година.