Американскиот Сенат го поддржа влезот на Финска и Шведска во НАТО

Сенатот гласаше со 95 гласа против 1 за поддршка на ратификацијата на пристапните документи на двете земји, значително надминувајќи го двотретинското мнозинство од 67 гласа потребни за ратификација, пренесува Ројтерс.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, додека Русија постојано ги предупредуваше двете земји да не ѝ се приклучуваат на алијансата.

Сите 30 членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристап за Шведска и Финска во јули, дозволувајќи им да се приклучат на нуклеарно вооружената алијанса предводена од САД откако нејзините членки ќе ја ратификуваат одлуката.

Благодарение на протоколот, Хелсинки и Стокхолм можат да учествуваат на состаноците на НАТО и да имаат поголем пристап до разузнавачките податоци, но не се заштитени со членот пет, одбранбената клаузула на НАТО што вели дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите.

Пристапувањето на Финска и Шведска мора да биде ратификувано од парламентите на сите 30 членки на Организацијата на Северноатлантскиот договор пред двете земји да бидат заштитени со одбранбената клаузула.

Ратификацијата би можела да потрае и до една година, иако неколку земји веќе ја одобрија, меѓу кои и Канада, Германија и Италија.

Сенаторите од двете американски партии силно го поддржаа членството на двете земји, опишувајќи ги како важни сојузници чии модерни војски веќе тесно соработуваа со НАТО.

„Квалификациите на овие две просперитетни, демократски нации се извонредни и ќе служат за зајакнување на НАТО алијансата“, рече демократскиот сенатор Боб Менендез, претседател на Комитетот за надворешни односи, барајќи поддршка пред гласањето.

Водачот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер ги покани амбасадорите и другите дипломати од Финска и Шведска во Сенатот да присуствуваат на гласањето.