
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во посета на Индија
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс утре ќе ја започне четиридневната посета на Индија, во момент кога двете држави настојуваат да ги унапредат економските можности и преговараат за билатералниот трговски договор.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс утре ќе ја започне четиридневната посета на Индија, во момент кога двете држави настојуваат да ги унапредат економските можности и преговараат за билатералниот трговски договор.
Венс ќе се сретне со индискиот премиер Нарендра Моди во Њу Делхи и ќе разговара за економијата, трговијата и геополитичките врски.
Посетата на американскиот потпретседател се смета за важна дипломатска мисија на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и се совпаѓа со засилената трговска војна меѓу Вашингтон и Пекинг, главниот регионален ривал на Индија.
Трговскиот договор меѓу Индија и САД би можел значително да ги унапреди економските врски меѓу двете земји и потенцијално да ги зајакне дипломатските односи.
Соединетите Американски Држави се најголемиот трговски партнер на Индија, со билатерална трговија во вредност од 190 милијарди долари.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека посетата „ќе им даде можност на двете страни да го разгледаат напредокот постигнат во билатералните односи“ и дека двајцата лидери „ќе разменат мислења за регионалните и глобалните случувања од заемен интерес“.
Индискиот премиер Нарендра Моди беше меѓу првите лидери што ги посети САД и разговараше со Трамп по неговото враќање во Белата куќа.
За време на неговата посета, Моди го поздрави „мега партнерството“ со САД и започна процес на преговори за минимизирање на можните последици од царините на Трамп. Сепак, Трамп за Индија воведе царини од 26 отсто, пренесуваат агенциите.