Американскиот министер за одбрана Лојд Остин е примен на одделот за интензивна нега како дел од неговата хоспитализација поради итен проблем, објави Пентагон.
„Оваа вечер, по серија тестови и проценки, министерот беше примен на одделот за интензивна нега во Националниот воено медицински центар Волтер Рид за поддршка и внимателно следење“, се вели во соопштението објавено доцна синоќа.
Пентагон претходно соопшти дека Остин бил вратен во болница за лекување на „симптоми кои укажуваат на итен проблем со меурот“. Малку подоцна беше објавено дека Остин ги префрлил своите овластувања на заменичката Кетлин Хикс, која моментално ја извршува функцијата шеф на Пентагон.
Остин (70) беше примен во „Волтер Рид“ на 22 декември за лекување на рак на простата.
Тој повторно се врати во болница на 1 јануари поради компликации, вклучително и инфекција на уринарниот тракт.
Информациите за неговото хоспитализација беа откриени дури четири дена подоцна, а Пентагон во меѓувреме не прецизираше зошто министерот е задржан на лекување до 9 јануари.
Пред неколку дена беше објавено дека Остин ќе сведочи пред Конгресот на 29 февруари во врска со неговото необјавување на дијагнозата за рак и последователна хоспитализација.