Амбасадорот на САД во Косово: Итно формирајте ја ЗСО, не верувам дека целата одговорност е на Радоичиќ

Американскиот амбасадор во Косово – Џефри Ховениер вчера изјави дека мора итно да се формира Заедница на српски општини и дека тоа е долгогодишно барање на САД, пренесува Индекс онлајн.

Тој изјави за Блумберг дека српската заедница во Косово „има бројни грижи и ја гледа Заедницата како начин да помогне во решавањето на нивните барања“, но истакна дека ЗСО не треба да има извршни овластувања.

„Заедницата мора да има ограничувања, бидејќи веруваме дека без нив може да стане нешто проблематично или извор на нестабилност“, рече Ховениер.

Коментирајќи ги конфликтите во Бањска, тој истакна дека мора да продолжи да се работи на утврдување на крајната одговорност и оти не верува дека целата одговорност е на поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.

„Свесни сме дека кажа дека тоа сам го направил, но не веруваме дека ова ќе биде последниот збор. Работата за утврдување на крајната одговорност мора да продолжи“, рече Ховениер, пренесува Косово онлајн.