Амбасадорката Руси-Поповска: Нема алтернатива на градењето пријателство меѓу Македонија и Бугарија

„И покрај сите предизвици, европската интеграција нема алтернатива за Северна Македонија, како што нема алтернатива ни на градењето пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“ изјави македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова.

Таа додаде дека во македонското општество има широк консензус за членството во ЕУ, како политички, така и меѓуетнички и тоа е така од независноста до денес.

„Северна Македонија е најстариот кандидат за членство во ЕУ од земјите од Западниот Балкан. Ние сме кандидатка од 2005 година, тоа се 18 години. Овие денови завршуваме со скрининг процесот и тоа ни овозможува длабинско проучување на целата земја и проценка на степенот на усогласеност со стандардите на Европската Унија“ рече Руси-Поповска.

Амбасадорката рече дека Северна Македонија, дури кога се споредува и со земјите од регионот кои одамна преговараат со ЕУ, не заостанува во однос на почитување и усогласеност со законодавството на ЕУ.

„Во моментов финализираме три многу важни патокази – за владеење на правото, за реформи во јавната администрација и за функционирање на демократските институции и секако се усогласуваме, го подготвуваме акцискиот план за малцинствата и во пракса се подготвуваме за отворањето на првиот кластер од преговарачкиот процес штом ги направиме уставните измени“ рече Руси-Поповска.