Амбасада на САД за повикот на Русковска: Ова е прашање за надлежните органи да го решат

Кој се бори прoтив криминалот, а кој врши притисок со истраги или кривични пријави? Продолжија преписките мегу Русковска и Муареми кои предизвикаа и лавина од реакции. Згрозувачки е тоа што директорот кој е именуван од владата врши притисок врз клучните обвинители од организиран криминал кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери, обвини Русковска по најавите на Муареми за кривични пријави. За да се расчисти кој ја говори вистината, таа ги повика на помош и надлежните институции и амбасадите, но и европската обивнителка Ковеси.

Муареми ѝ одговори „Одговорност за вашето самоволие мора да има.“ Откако Русковска рече дека е подготвена информациите за Муареми да ги сподели со јавноста, директорот на УФП во реакцијата ја повика Русковска доколку има информации дека сторил криминал да ги докаже и да подигне обивнителен акт, наместо да пласира неосновани сознанија и да го дискредитира.

Републичкиот обвинител денеска не се огласи, но со остра реакција излегоа од здружението на обвинители кои се зачудени од, како што велат, драматичниот полноќен повик на Русковска со кој бара помош од странски амбасади и организации. Од здружението оценуваат дека Јавното обвинителство има капацитети и независно и самостојно да постапува по секој предмет, без надзор од амбасади или меѓународни организации. Сметаат дека со дописот го нарушила угледот на јавнообвинителската функција и го прекршила Етичкиот кодекс.

По повикот на Русковска за помош од Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ  за што доби поддршка и од Муареми, Телма побара став од  двете дипломатски претставништа и до сега добивме одговор од американската амбасада:

  • Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат, одговорија од амбасадата.

Судирот меѓу Русковска и Муареми почна со претресот во Управата за финансиска полиција пред две недели кога обивнителите барале увид во предмети отворени со анонимни пријави.