Амбасадата на САД ги запре сите проекти во Македонија
Амбасадата на САД од утрово ги информира сите невладини и други организации што веќе имаат добиено, па речиси и реализирано проекти во Македонија – да запрат со реализацијата и ништо да не исплаќаат, во согласност со извршната наредба на новиот претседател Доналд Трамп кој ја замрзна странската помош за сите земји, oсвен за Израел и Египет на 90 дена.
Амбасадата на САД од утрово ги информирала скоро сите невладини и други организации што веќе имаат добиено, па речиси и реализирано проекти во Македонија – да запрат со реализацијата и ништо да не исплаќаат, во согласност со извршната наредба на новиот претседател Доналд Трамп кој ја замрзна странската помош за сите земји, oсвен за Израел и Египет на 90 дена, јавува Независен.
Ваквото барање беше студен туш за сите што веќе работат со амбасадата, бидејќи очекувањата беа дека наредбата ќе се однесува за новите проекти, а не за тековните.
Ова практично е првата последица од новата администрација на САД, а очекувањата се дека ќе има повеќе, откако Трамп ќе почне да се справува со негативниот трговски биланс што го има со Европа, а можно е и македонски граѓани да бидат погодени од депортациите, иако засега нема такви информации.
Генерално, помошта на САД во Македонија се менаџираше преку проекти на амбасадата и преку агенцијата УСАИД, а беше фокусирана на владеење на правото, на сајбер безбедноста, на животната средина, на развој на демократијата, подобрување на конкурентноста, на борба против корупцијата и за поголемо граѓанско учество. Само за судскиот систем САД дадоа речиси половина милијарда долари помош, што беше повод амбасадорката Ангела Агелер да се пожали во една прилика дека „зборувањето не е без пари“, односно дека се потрошени многу пари во јакнење на независноста на правосудството, а довербата во него сѐ уште е многу ниска.
САД даваа помош и за пандемијата (околу милион и пол долари), а вкупно од 1993 година, од кога работат на овој начин со Македонија, дадоа помош од речиси една милијарда долари, надвор од воената. Иако на удар на наредбата се главно невладини организации и медиуми, преку УСАИД помош добиваа и владини и други институции.
Инаку, упатството што во петокот го објави државниот секретар Марк Рубио, издадено до сите дипломатски и конзуларни претставништва, бара од вработените да издаваат „наредби за стопирање на работата“ за речиси сите „постојни награди за странска помош“ и тоа веднаш. Според оценката на „Политико“, кој прв ја објави веста, се чини дека тоа оди подалеку од неодамнешната извршна наредба на претседателот Доналд Трамп, која му наложи на Министерството да ги паузира грантови за странска помош на 90 дена во очекување на разгледување од секретарот.
Според тројца сегашни и двајца поранешни функционери запознаени со новото упатство, новото значи дека нема да се преземат понатамошни дејствија за дисперзирање на финансирањето на помошта на програмите веќе одобрени од владата на САД. Наредбата шокираше некои претставници на Стејт департментот околу широчината на нејзиниот огромен мандат. Упатството би можело да ја отвори американската влада за граѓанска одговорност бидејќи може да се покренат тужби за неисполнети договори доколку се смета дека се прекршени условите, рекоа сегашните и поранешните официјални лица.Во упатството се наведува дека „одлуките дали да се продолжат, изменат или прекинат програмите ќе бидат донесени по прегледот“ од секретарот.
Трамп и републиканците со години го опишуваа како расипничко трошењето за странска помош во администрациите на Барак Обама и Џо Бајден. Сега очекува Стејт департментот да подготви извештај во рок од 85 дена од издавањето на упатствата за тоа што понатаму.
Извор: Независен