Ал Наср му нуди на Бускетс 36 милиони евра за двегодишен договор

Фудбалерот на Барселона и поранешен шпански репрезентативец Серхио Бускетс добил понуда од Ал Наср кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија, пренесува „Мундо депортиво“.

Бускетс има договор со Барселона до крајот на сезоната. Тренерот на каталонскиот клуб Чави Ернандез инсистира искусниот фудбалер да ја продолжи соработката со тимот од Ноу Камп, но Бускетс се уште нема донесено конечна одлука.

„Мундо депортиво“ наведува дека челниците на Ал Наср му понудиле на Бускетс двегодишен договор, според кој тој ќе заработува 18 милиони евра по сезона. Првата ѕвезда на клубот од Ријад е Португалецот, Кристијано Роналдо.

„Ал Наср е подготвен да ја зголеми понудата до Бускетс, бидејќи целта е да се добијат што повеќе атрактивни фудбалери во лигата пред обидот на Саудиска Арабија да го организира Светското првенство. Саудиска Арабија сака да го организира Светското првенство со Грција и Египет во 2030. Бускетс ја чека понудата на Барселона пред да почне да размислува за други опции“, заклучува шпанскиот весник.

Бускетс (34) израснал во Барселона, а за првиот тим на каталонскиот клуб одиграл 707 натпревари и постигнал 18 голови. Со тимот на Ноу Камп освои 31 трофеј.