Алтернатива: Лога нека поднесе оставка ако не се согласува со Кривичниот законик

По изјавата на министерот за правда, Кренар Лога дека не се согласува со измените на Кривичниот закон, фрлајќи ја топката кај заменик министерката, ние денес сме тука да му кажеме дека ако навистина не се согласува со промените во Кривичниот закон и ако заменик министерката го злоупотребила неговото отсуство во седница на владата за да прошверцува измени во Кривичниот закон, предложени од министерството кое го раководи тој, тогаш нека даде оставка. Тој не може да седи на два стола, и да биде на власт и во опозиција, изјави портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани денеска на прес-конференција.

Муртезани прашува што прави партијата Алијанса за Албанците во Владата, ако заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ без да знае Лога, ги предложила измените во кривичниот закон на седница на Влада.

-Зошто Кренар Лога и Алијанса продолжуваат да седат во влада како декор кога никој не ги есапи? Дали го трпат ова понижување само заради дебелите тендери во институциите со кои раководат, или пак сакат да додадат уште некоја куќа во Тафталиџе? Ако викаат дека не виделе и не слушнале ништо, тогаш се поставува прашањето дали корупцијата им ги има затворено очите, или да не чекаат да ги избркаат од влада и за тоа да разберат преку медиумите? Ве молам, да станеме сериозни! Кренар Лога со изговори кои повеќе личат на измами, бара политичка амнестија само откако ЕУ остро реагираше за амандманите на Кривичниот закон. Ако толку многу ја сака правдата, зошто не го поддржи амандманот на Алтернaтивa за незастарувањето на политичката корупција? Но, Албанците нема да наседнуваат на такви измами. Оваа неправда која се инсталира ќе се казни остро на избори, порача портпаролот на Алтернатива.