
Алтернатива без конретен одговор дали си заминуваат од Владата или остануваат, се огласија преку писмено соопштение во медиумите.Велат немало да паднат во замката што им се спремала, а нивниот конечен став ќе се знае во недела, кој ќе го изградат на седница на Централно Собрание.
Закажан е состанок на партијата во партиското седиште во Тетово со почеток од 16 часот.
„Најтесното партиско раководство на Алтернатива е во перманентно заседание. Со внимание ги разгледуваме сите околности кои ги нарушуваат принципите врз кои требаше да почива Европската коалиција. Особено начинот на кој некој го потценува нашиот учинок пред 12 месеци за спас на владејачкото мнозинство, изборот на Димитар Ковачевски за Премиер и следствено обезбедувањето на почеток на преговори со ЕУ. Согласно статутарните одредби денес одлучивме конечниот став да го изградиме на седница на Централното Собрание која ќе се одржи во недела со почеток во 16 часот, во партиското седиште во Тетово, водејќи се од тоа што е најдобро за иднината на државата и за иднината на АлтернАтивА“, велат од партијата во писменото соопштение до медиумите.
„Расудуваме трезвено, без емоции целосно свесни за предизвиците кои не очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека АлтернАтивА на било каков начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат“, додаваат оттаму.
Инаку уште вчера, на седници на УО на СДСМ и на Алијанса за Албанците беа донесени одлуки за тоа дека АА прифаќа да влезе во влада, а со тоа да добие три министерски фотелји, но и неколку места за заменици-министри во различни сектори. Портпаролката пак на СДСМ, Богданка Кузеска изјави дека и СДСМ ја прифаќа одлуката АА да влезе во Влада, најавувајќи реконструкција на Владата.