Алкараз го предизвика Ѓоковиќ: Целта ми е да се вратам на првото место!

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз денеска во Пекинг изјави дека негова главна цел е да се врати на првото место на АТП листата и додаде дека има голема мотивација да постигнува добри резултати на турнирите до крајот на сезоната, пренесува британски Експрес.

Алкараз оваа недела ќе игра на АТП турнирот во Пекинг. Моментално е на второто место на АТП листата со 3.260 бодови помалку од првопласираниот Новак Ѓоковиќ.

– Се води голема борба за првото место, особено по одличниот настап што го имаше Новак на американската турнеја. Во моментов тој е број еден, па доаѓам овде со дополнителна мотивација да се обидам да се вратам на врвот. Тоа е нешто што го имам на ум секогаш кога тренирам, мислам на тоа на секој турнир. Не е задолжително ниту да ја вратам првата позиција, но морам да си поставувам цели. Позицијата број еден е една од моите главни цели. На следните турнири ќе се обидам да постигнам добри резултати за да се вратам на првото место – изјави Алкараз на прес-конференцијата во Пекинг.

Алкараз го пропушти Австралија опен оваа година и го освои Вимблдон. Шпанскиот тенисер е поразен во полуфиналето на Ролан Гарос и УС Опен.

– Следната година ќе се обидам да играм четири Грен слем, се надевам дека нема да пропуштам ниту еден. Ќе се обидам да ги правам истите работи што ги правам оваа година. Задоволен сум со моите резултати во 2023 година досега. Сезоната се уште не е завршена, ми претстојат уште неколку турнири. Се надевам дека успешно ќе ја завршам сезоната – заклучи шпанскиот тенисер кој првпат во кариерата настапува на турнирот во Пекинг.

Во првото коло на турнирот во Пекинг Алкараз ќе игра против квалификантот Јаник Ханфман од Германија.