Алкараз го победи Ѓоковиќ и го крена својот прв трофеј на Вимблдон

Шпанецот Карлос Алкараз и Србинот Новак Ѓоковиќ во одлично финале и голема борба на Вимблдон, во епска битка која траеше безмаку 5 часа понудија на светот врвен тенис.

Ѓоковиќ доминантно го започна мечот и поведе со 5:0 во гемови, а сетот го заврши со убедливи 6:1.

Вториот сет Ѓоковиќ и Алкараз го играа 90тина минути. Алкараз го освои сетот во тај-брејк и така ја прекина долгата низа на Ѓоковиќ во освоени тај-брејкови на големите турнири.

Во вториот сет Ѓоковиќ влезе во една криза, па Алкараз возврати со 6:1 Но мора да се истакне дека тука видовме гем кој траеше цели 26 минути, а го доби Алкараз за водство од 4:1. Во овој сет Ѓоковиќ имаше и замерки кон судијата поради краткото време за сервис поради што на двапати беше опоменат.

Како и што навикнавме многу пати во минатото, Ѓоковиќ сепак се врати и не дозволи Алкараз да доминира во продолжение од мечот. Потребни му беа 56 минути за изедначување на 2:2 во четвртиот гем со 6:3.

Повторно гледавме и моменти во кои Ѓоковиќ влегуваше во конфликт со лондонската публика, а денес во еден момент им одговори со испраќање бакнежи.

Одлучувачкиот петти сет започна со по еден освоен гем на свој сервис и на двајцата, иако Ѓоковиќ имаше одлична можност да направи брејк и да поведе со 2:0, но не ја искористи приликата. Тоа што не му успеа на Ѓоковиќ, му успеа на Алкараз веќе во следниот гем кога го одзема сервисот на Новак и поведе со 2:1. Поенот со кој го освои овој гем Алкараз беше еден од најубавите во мечот.

Тој момент се покажа и како одлучувачки, Ѓоковиќ не успеа да режира уште едно големо враќање, Алкараз го задржа својот сервис и ја освои својата прва титула на Вимблдон и вкупно втора на грен-слем турнирите. Ѓоковиќ остана на своите 24 со кои секако е рекордер пред Рафаел Надал (22) и Роџер Федерер (20).