Алкалоид со високи амбиции влегува во борба за европскиот трон
Најуспешниот македонски шаховски клуб Алкалоид е подготвен да ги одмери силите на годинешниот Европски клупски куп со други ривали за нова европска шампионска титула.
Најуспешниот македонски шаховски клуб Алкалоид е подготвен да ги одмери силите на годинешниот Европски клупски куп со други ривали за нова европска шампионска титула.
– Откако оваа година беше завршена „домашната задача“ со освоената на државното екипно првенство последователна 12-та шампионска титула (по 26-ти пат во последни 32 години), фокусот на клубот е свртен кон меѓународните настапи. Нови засилувања во состав на Алкалоид се: Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веераппан и Нараианан С.Л. (Индија); Ји Веи и Јангјуи Ју (Кина); Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (Србија); Филип Панчевски нашиот домашен многукратен шампион, објави ШК Алкалоид.
Капитен на екипата е велемајсторот Влатко Богдановски, повеќекратен државен шампион и долгогодишен член на државната репрезентација.
Од 84 пријавени екипи на Европски клупски куп 2024, Алкалоид се наоѓа иницијално (според просечен рејтинг на екипата) на второто место. Овој турнир, кој често го нарекуваат и шаховска „лига на шампионите“ годинава ќе се одржи во периодот од 20 до 26 октомври во Врњачка Бања, Србија.
Алкалоид најголемиот успех во историјата и европската шампионска титула ја има освоено токму во Србија пред осум години.