„Алкалоид“ отвори центар за едукација и обука
Компанијата „Алкалоид“ отвори свој центар за едукација и обука.
Од компанијата велат дека човечкиот потенцијал е од големо значење за растот и развојот на фирмата, а професионалниот пристап во работењето, просперитетот на компанијата и нејзината доверливост се должат на децениското вложување во принципот на компанијата „Луѓето во прв ред“.
Во последните 15 години бројот на вработени во Групацијата Алкалоид е зголемен од 1.200 на 2.500. Децениските инвестиции во образованието на лекарите и фармацевтите, најновите програми за практикантска работа, најновиот потег, за делумно дуално образование и слични проекти наложија формирање на сопствен центар за едукација и обука во рамките на компанијата, кој ќе служи за вежби, проби и тренинзи на персоналот на компанијата, практикантите и студентите.
„Алкалоид досега инвестираше над еден милион евра во оваа инвестиција и во иднина овој објект ќе се прошири и унапредува, за да стане модерен едукативен центар, кој целосно ќе ги опслужува барањата на динамичните научни дисциплини со кои работиме“ – изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.