Али Ахмети до македонскиот народ: Албанците се за унитарна, заедничка и еднаква Македонија

„Соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за Европска Македонија“, порачува лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во колумна за „360 степени“ во пресрет на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор

Преку колумна во медиумот „360 степени“ лидерот на ДУИ испрати порака за смирување на неочекувано појавените меѓуетнички тензии, порачувајќи дека Албанците се за унитарна, заедничка и еднаква Македонија. Ахмети го напиша текстот во пресрет на одбележување на Рамковниот договор и ова е негово прво вакво обраќање досега.

„Соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за европска Македонија“, порачува Ахмети.

Тој пишува дека барал права за Албанците уште од средношколските денови и затоа бил прогонет повеќе од 20 години работел во туѓина.

„Мене и на моите сонародници ни се спореа јазикот, знамето, правото на еднаквост, правото на постоење со логиката ‘Македонија на Македонците’.

Тогаш и денес, јас друга држава немам. Јас резервна татковина немам. Мојот прадедо и дедо, моите татко и мајка, почиваат во Зајас, Кичевско.

Наспроти сите напади, сета пропаганда во минатите 24 години со којашто бевте соочени, сакам да упатам јасна и недвосмислена изјава дека јас и Албанците, вчера, денес и утре се залагаме за унитарна, заедничка и еднаква Македонија, ниту повторно моја ниту повторно твоја, туку секогаш наша Македонија.

Наспроти тоа што ова го знаат и Црвенковски и Груевски, и Заев и Мицкоски, а го знаеја и нивните претходници, во нашите млади години, сите ние што се осмелувавме да се залагаме за еднаквост нè гонеа за сепаратизам, национализам, шовинизам, а денес истиот пристап софистицирано се повторува со прогон и оцрнување за наводна корупција и криминал од истата доктрина и истите заробени умови кои ги карактеризираат граѓаните во граѓани од прв, втор, трет ред и сметаат дека државата им припаѓа само ним.

Со Охридскиот мировен договор си подадовме рака, си дадовме збор и беса едни на други, дека ќе изградиме заедничка, еднаква и евроатлантска татковина.

Јас припаѓам на тие што работат за следните генерации. Премиери и академици ми нудеа да ја поделиме Македонија, не прифатив.

Ме оцрнуваа од тоа дека сум бил соработник на српските служби со фалсификувани досиеја, па сè до наводно корумпиран, но граѓаните секогаш се определуваа да нè поддржат нас.

Ретки се лидерите во нашето општество што му одолеваат на искушението да зајаваат на бранот на национализмот и популизмот за пирова краткотрајна победа со далекусежни негативни последици за државата и општеството.

За жал, сведоци сме дека можело да се враќаме назад. Сведоци сме дека можело да се заборави минатото и да се повторуваат грешките во сегашноста коишто ќе нè чинат во иднината, и тоа од површни пориви.

На оваа 24-годишнина, соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за европска Македонија.

Албанецот никогаш не ги спорел македонскиот јазик и идентитет, историјата и културата, верата и државата Република Северна Македонија.

Барам и очекувам и Македонецот да ги почитува засебностите на мојот народ и да разбере конечно и без предрасуди дека од еднаквоста не губи ништо, напротив, добива многу“, пишува Али Ахмети во колумната за „360 степени“.