Дали Алијанса за Албанците, која од претходно е во судир со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ќе ја следи ВМРО-ДПМНЕ на ниво на градот и нејзини градски функционери ќе поднесат оставки, засега партијата нема конкретен став. „Во сабота ќе расправаме за ова прашање, кога е предвидено Централното собрание на партијата да ја разгледа оставката на доскорешниот лидер Зијадин Села“, вели Наим Бајрами, член на Советот на градот и портпаролот на Алијанса за Албанците.
Бајрами рече дека на Централното собрание на партијата ќе се разгледа и оставката што ја поднесе Илире Даути на позицијата координатор на пратеничката група на Алијанса за Албанците и дека ќе биде предложено кој да ја преземе оваа функција во Собранието на Македонија.
Во врска со прашањето дали ќе ја следат ВМРО-ДПМНЕ, со која партија се во опозициска соработка и на локално ниво, односно дали градските функционери на Алијанса ќе поднесат оставки, бидејќи оддамна се во судир со градоначалничката Данела Арсовска, Бајрами не даде прецизен одговор, туку се повика на Централното собрание.
„Алијанса за Албанците е во малку покомпликувана внатрепартиска ситуација, пред нас се бројни партиски предизвици, на кои треба да им дадеме приоритет. Но секако ќе го разгледаме и ова прашање на седницата на Централното собрание“, рече Бајрами.
Инаку, Алијанса за Албанците ја прекина соработката со Данела Арсовска уште на почетокот на јули, кога Арсовска го разреши Зуди Енузи од директорката позиција на скопското комунално претпријатие, откако неговиот брат беше приведен затоа што извади пиштол и пукаше за време на протестот против францускиот предлог, кога дојде до каменување на демонстранти и возвраќање на дел од нив.
Што се однесува до оставката на Илире Даути од позицијата координатор на Алијанса во Собранието, таа изјави дека причината се лошите изборни резултати на партијата на изборите за Советот на Тетово, но дел од медиумите на албански јазик пишуваат дека вистинската причина е што сака да се кандидира за лидерската функција во Алијанса за Албанците и за тоа ја има поддршката од Зијадин Села, со цел да не биде избран актуелниот потпретседател Арбен Таравари.