Алијанса до крајот на неделава чека одговор од Ковачевски

За тоа дали се прифатливи условите на АА да стане дел од владата или пак ќе остане во опозиција ќе се дознае до крајот на неделава, откако ќе даде одговор Ковачевски.

Премиерот ќе треба да се изјасни дали бараните министерства ќе ги отстапи, како и за пакетот закони што како услов Tаравари ќе ги стави на маса пред премиерот. Вечерва Ковачевски треба да ги информира партнерите од коалицијата, предводена од СДСМ, а со претседателот на владиниот партнер Алтернатива Африм Гаши ќе се консултира откако ќе почнат преговорите со опозициската партија. И АА се очекува на Централно претседателство да го официјализира тимот за преговори со премиерот Ковачевски.
Според информации од Алијансата, за влез во Владата ги бараат на министерствата за правда, здравство и екологија, односно трите владини партнери СДСМ, Алтернатива и ДУИ да отстапат по еден ресор.

Од СДСМ потврдуваат дека разговорите со Алијанса ќе се интензивираат. Ковачевски не прецизира дали на средбата ќе го отвори прашањето за проширување на владиното мнозинство, но можно е тоа да го сторат помалите владини партнери. Тој рече дека ќе го информира владиниот партнер Гаши за евентуален влез на АА во Владата кога ќе почнат конкретни преговори за кадровските и програмските определби.

Ппретходно Ковачевски изјави дека постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор.

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.