
Алиу: Јас нема да оперирам срце – ќе креирам систем за лекарите да можат да работат
Креирање систем за да може лекарите да ја вршат својата работа, а пациентите да имаат квалитетна услуга, најави новиот министер за здравство Азир Алиу, како и решавање на наталожените проблеми од изминатите години, проблеми што биле оставени, одложувани или вложени секогаш на сметка на пациентите.
Креирање систем за да може лекарите да ја вршат својата работа, а пациентите да имаат квалитетна услуга, најави новиот министер за здравство Азир Алиу, како и решавање на наталожените проблеми од изминатите години, проблеми што биле оставени, одложувани или вложени секогаш на сметка на пациентите.
Тој вели дека без разлика што не е лекар, може да придонесе во развој на здравствениот систем, затоа што „јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам систем во кој лекарите ќе можат да прават операција на срце“, со соодветни материјали, апаратура и простории.
Алиу најави стабилен, политички независен здравствен систем.
Тоа ќе се направи преку пет столбови:
1. Стратешко планирање преку национална мапа на здравствени потреби. Прв пат ќе изградиме цела мапа по региони и општини, која ќе покаже каде недостигаат лекари, опрема, кадар или функционални центри. Одлуките за инвестиција ќе се базираат на потребите.
2. Транспарентност и отчетност во здравствените услуги, преку платформа за следење на перформансите на здравствените услуги. Повеќе нема да има бројки што се кријат во фиоки.
3.Професионален развој и зајакнување на човечките ресурси. Обучување на лекарите и медицинските сестри. Јасно раздвојување од здравствените и менаџерските услуги.
4. Одржливо финансирање и превенција. Болниците ќе бидат финансирани според бројот на пациенти и нивната ефикасност. Најави национална програма „Порано подобро – превенцијата започнува со тебе“. Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни прегледи за рано откривање дијабетес, кардиоваскуларни заболувања , хипертензија и други.
5. Дигитализација – која подразбира и поврзување со ЕУ здравствениот систем.
Најави дека овие денови ќе бидат во Кочани за реално да ги согледаат проблемите што ги имаат пациентите од пожарот во дискотеката „Пулс“ и нивните семејства, а утре тој ќе има средба со директорката на болницата.
– Немаме работни групи за менаџирање со кризни ситуации. За еден месец ќе имаме работни групи за сите несреќи што може да ни се случат, без разлика дали се од човечки фактор или од природни непогоди – најави Алиу.
Алиу се сретнал со сите директори на клиниките, а потоа и со директорите на другите клиники, а сите се пожалиле дека немаат кадар. Најави дека во следниот период ќе се бара решение за продолжување на договорите на оние кои реално работат таму. Процес што е подолг, а потоа ќе се вработуваат и други, потребни кадри.