Алиу: Пријавени осум случаи на непотребни операции на срце

Интерната комисија утре ќе се состане и овие осум случаи ќе бидат првите што ќе ги разгледа, а меѓународната комисија, пак, ќе почне со работа штом заврши потпишувањето на договорите за ангажирање на експертите.

Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија која ја формираше Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјава за пари се прават операции на срце и кај пациенти кои немаат медицинска потреба. Интерната комисија утре ќе се состане и овие осум случаи ќе бидат првите што ќе ги разгледа, а меѓународната комисија, пак, ќе почне со работа штом заврши потпишувањето на договорите за ангажирање на експертите.

„Во интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисија ќе ги обработи сите детално со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти. Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе биде постапено. Како Министерство за здравство веднаш креиравме интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицинските докази според највисоките меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила во кои што се дефинирани. За членовите на меѓународната комисија комисија постапката е при крај, треба да се заврши административниот дел потпишувањето на договорите, за да може јавно да ги кажеме имињата. Се работи за светски признати имиња од Словенија од Италија и од Австрија “, рече денес министерот за здравство Азир Алиу и нагласи дека побарал и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.

Министерот Алиу работењето на комисиите кое сега е фокусирано на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции го нарече „терапија за здравствениот систем“ и најави дека ќе се прошири на сите сегменти и дека никој ниту од јавното ниту од приватно здравство нема да биде поштеден ниту пак неправедно стигматизиран.

Освен осумте случаи за непотребни операции пријавени не од пациенти туку од јавна здравствена институција, Министерството за здравство на сите расположливи алатки не добило друга пријава или претставка. Минатата недела здравствените власти повикаа сите кои се сомневаат да ги пријават случаите дури и ако не ја чуваат документација оти таа треба да стои во архивите на здравствените институции.