Во САД 88-годишна жена е усмртена од алигатор, откако случајно паднала во езеро додека ги средувала растенијата, близу брегот, во рамки на населба-прифатилиште за стари лица, соопштија властите во американската сојузна држава Јужна Каролина.
„Надлежни лица биле повикани во месноста Сан Сити Хилтон Хед завчера, по што е утврдено дека алигатор зграпчил женско тело близу околната вештачка лагуна и не го испуштал“ изјави полицајката Анџела Виенс од Канцеларијата на шерифот на Округот Бофорт.
Сан Сити Хилтон Хед е старечка заедница со повеќе од 16.000 жители.
Жртвата Ненси А. Бекер од Јужна Каролина ја средувала градината, кога се лизнала и паднала во езерото, каде што живеел алигаторот. Надлежните подоцна го фатиле животното и тоа е усмртено.
Полицијата и Округот Бофорт го истражуваат настанот.
Се проценува дека околу пет милиони алигатори живеат во 10-те југоисточни сојузни држави во САД. Сепак, фаталните напади не се честа појава. Според наводите, од 442 случаи, 26 биле со смртни последици.