Познатиот француски актер Ален Делон, кој почина на 18 август, денеска ќе биде погребан во неговиот имот La Brilrie во Диши, во најголема приватност.
Бидејќи е добиена посебна дозвола од локалниот префект, Делон ќе биде погребан во приватна капела на неговиот имот, а од него ќе се простат неговото семејство и околу 50 блиски пријатели, пренесува Монд.
Церемонијата ќе ја води Жан Мишел Ди Фалко, поранешен бискуп и долгогодишен пријател на Делон.
На секој што ќе присуствува на погребот ќе му биде забрането да фотографира и да користи мобилни телефони.
На барање на семејството, локалните власти, исто така, забранија летови над имотот за време на викендот.
Најмалку 80 жандарми ќе бидат распоредени за да ја надгледуваат областа околу имотот, според властите.
Во изминатата недела луѓето оставија цвеќе пред портата на имотот, а и денес околу имотот се очекуваат многу новинари и обожаватели на Делон, наведува Монд.
Кога бил жив Делон побарал со него да биде погребано неговото омилено куче, белгискиот овчар Лубо, но по протестите на активистите за правата на животните, неговите три деца решиле да го чуваат кучето.
Прославениот француски актер почина на 18 август на 89-годишна возраст, по борба со болеста, откако во 2022 година му беше дијагностициран лимфом.