Алексиќ: Смеењето и сексот како една формула за здрав живот – секоја работа треба да се користи на шеговит начин

„Странските зборови се нешто што е случувало и се случува, но децата сега од најмала возраст се компјутеризираат. Родителите амбициозно ги запишуваат децата да учат странски јазик, но подоцна како да ќе се истурне мајчиниот јазик од репертоарот на зборувањето. Официјално кога се зборува во медиумите треба да се зборува на македонски јазик“ – вели Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во најновото издание на Трилинг.

Најсериозните аномалии со кои се соочува образовниот систем во моментов, според Алексиќ, се учебниците, тоа е дефект кој треба да се реши.

„Она што сите го чувствуваме – недостаток за ентузијазам, друго темпо на комуникација, се изгуби волјата за читање со љубов. Младите, учениците, ги читаат лектирите, но има ученици кои следат и надвор од тоа. Тоа е добро, дури и стрипови кога читаат, тоа е добро. Се уште има порив, ама како сега да немаат време за читање книги“ вели таа.

За државната матура, Алексиќ рече дека нема најава дека таа ќе се повлече.

Во 2011 година професорката го реализираше проектот „Сексуална азбука“, на прашање што се смени по ова, во која линија се движи сексуалното образование, таа вели:

„Почнав спонтано, се трудев децата да се научат дека интимноста е нешто свето. Потоа се случи `Јавна соба`, видовме дека се злоупотребува тој сајбер секс, инволвирање на децата во рано сексуално искуство, а третманот да се исправат тие грешки е макотрпен“.

„Сметам дека интернетот дава погрешна слика за децата да ги покажат своите секс атрибути. Многумина велеа дека не треба да се има сексуално образование. Поентата е децата да разберат дека сексуалноста е нешто многу битно, дека не треба да брзаат. Нешто на што треба да му се обрне внимание“ вели Алексиќ.

Деновиве Алексиќ издаде книга – сексуална азбука „Од А до Ш“. Дали со оваа книга ќе се обидеме да ги поместиме предрасудите?

„На шега дојдовме до оваа книга. Објавувавме колумни, кои потоа ги преточивме во книга. Немам порив да напишам книга – белетристика, но овде се работи за лексикон, азбучник на сексуални термини, на шеговит начин. Има интересни урбани ликови кои даваа изјави за одредени букви“ вели професорката.

„Смеењето и сексот како една формула за здрав живот – секоја една работа треба да се користи на шеговит начин, така се развива духот“ вели Алексиќ.