Албанскиот претседател Бегај во официјална посета на Австрија

Албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера пристигна во официјална посета на Австрија, на покана на неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера пристигна во официјална посета на Австрија, на покана на неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен.

Двајцата претседатели синоќа во Виена имаа тет-а-тет средба, по што им се придружија и нивните делегации.

На прес-конференција по средбите, Бегај рече дека тој и неговиот австриски колега разговарале за повеќе теми и изразил благодарност на Австрија за континуираната и посветена поддршка на Албанија во многу области како што се економијата, образованието, туризмот, реформите во судството и особено во забрзувањето на процесот на европска интеграција.

Бегај оценил дека односите меѓу двете земји претставуваат партнерство што секојдневно се зајакнува, нагласувајќи дека „Албанија и Австрија имаат одличен дијалог и споделуваат исти стратешки интереси, зачувувајќи ги заедничките евроатлански вредности”.

-Мораме да обезбедиме овие стратешки интереси да се рефлектираат во заедничките акции за иднината на развиена Албанија, за Албанија како земја членка на Европската унија, за безбеден, мирен и интегриран во ЕУ Западен Балкан и за регион кој е далеку од влијанието на трети страни, посочил Бегај.

Претседателот на Албанија го оцени состанокот на Европската политичка заедница (ЕПЦ), кој ќе се одржи во Тирана на 16 мај, како „важна и добра вест за Албанија”.

На средбата меѓу двајцата претседатели станало збор и за темата за Косово. Албанскиот претседател изразил благодарност до својот австриски колега за улогата и придонесот на Австрија во независноста и зајакнувањето на младата држава, за новите земји кои ја признаваат нејзината државност, како и за членството на Косово во регионалните и меѓународните организации.

Бегај вчера се сретна и со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кому исто така му изрази благодарност за поддршката што Австрија и ја дава на Албанија во клучните историски моменти.

-На средбата беше реафирмирана заложбата за напредок во економската соработка покрај силните политички односи. За време на посетата се очекува албанскиот претседател да се сретне и со албански државјани кои живеат во Виена и Линц, јави Албанската радио-телевизија.