По синоќешната најава дека косовското „Самоопределување“ ќе биде четвртиот партнер во Европскиот сојуз за промени – коалицијата на опозициските Демократско движење, Алтернатива и Движењето Беса, експертите појаснуваат дека странски политички субјект не смее да учествува на избори во нашата држава, ниту, пак, да дејствува политички, освен да даде морална поддршка.
Албанската опозиција добива ветер во грб откако партијата Самоопределување на Курти досега не е регистрирана во земјава. Најавената соработка на Курти со албанската опозиција, за премиерот Ковачевски не е спорна ако доаѓа како од сестринска партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, ги оценува најавите како предизборен фолклор.
Партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде дел од изборниот процес во Северна Македонија пролетта 2024 година. Движењето беше претставено како четврти столб во опозициската коалиција на Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и на Африм Гаши (Алтернатива) Тоа стана јасно по отворањето на заедничкиот штаб на албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени во Старата скопска чаршија во Скопје на 24 декември, но остана нејасно дали партијата ќе биде формален учесник на изборите или само јавно ќе ја поддржи опозицијата.
Досега, оваа партија не е регистрирана во земјава. Каков е планот и дали ќе се регистрира, Беким Ќоку-советник на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа. На 24 декември тој беше еден од говорниците при отворањето на штабот на Европскиот сојуз за промени, има македонското државјанство и на јавноста и е познат како член на ДПА, потоа и на Алијанса за Албанците. Беше и пратеник во македонското Собрание, каде во 2013 година го зазеде местото на Зијадин Села кој тогаш го напушти парламентот за да ја презеде градоначалничката функција во Струга.
Според она што го брифираат во албанската опозицијата, Самоопределување нема да се регистрира туку ќе биде поддршка за овдешната опозицијата. На нејзините кандидатски листи, пак, се очекува да се најдат лица кои се македонски државјани односно ги исполнуваат условите за кандидати, а важат за поддржувачи на Самоопределување.
За премиерот „сестринска поддршка“ не е спорна, но се повикува на законот
Најавената соработка на Самоопределување со опозицискиот Европски сојуз за промени, за премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, не е спорна доколку доаѓа како поддршка од сестринската партија.
„Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави. Меѓутоа, досега јас немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава“, вели Ковачевски.
Тој посочува дека треба да се види што точно мислеле албанските опозициски лидери со нивните изјави, но упатува дека треба да се проверат и законските одредби.
„Ако почнат политички партии од соседството да учествуваат на избори во нашата држава тогаш може да се случи и од други држави да сакат да учествуваат во изборите во Северна Македонија што би претставувало некаква не толку посакувана динамика. Меѓутоа, сепак треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како би учествувале, на што точно се мисли и секако да се проверат Изборниот законик и регистрирањето партии итн.“, додаде премиерот.