
Албанската валута – лек со рекордно највисока вредност во однос на еврото
Заедничката европска валута, еврото, продолжува да бележи ниски нивоа во однос на албанската валута-лек, достигнувајќи историски најниска вредност.
Заедничката европска валута, еврото, продолжува да бележи ниски нивоа во однос на албанската валута-лек, достигнувајќи историски најниска вредност.
На девизниот пазар денеска се купува за 96,8 леки, а се продава за 97,8 леки. До пред две години едно евро се купуваше за 127 леки.
– Тоа се должи на повеќе фактори, почнувајќи од странските инвестиции во недвижности во Албанија, па сè до менувачките операции во големи износи, што е условено од масовното присуство на странски туристи, објавија медиумите.
Брокерите на девизниот курс очекуваат европската валута да претрпи дополнително намалување на вредноста, имајќи го предвид фактот дека во ек е летната туристичка сезона, а не стивнува ни големиот интерес на странците за купување недвижен имот.
– Ваквиот тренд позитивно ќе се одрази кај сите оние лица кои имаат кредити во евра, бидејќи ќе плаќаат помалку. И Владата има корист од силниот лек во однос на еврото, бидејќи плаќа помалку за надворешниот долг. Тие што се директно оштетени се извозниците бидејќи ја продаваат стоката во евра, добивајќи помал профит, оценуваат медиумите.
Британската фунта останува на истите нивоа, се купува за 111,8 леки, а се продава за 113,2 леки, како и швајцарскиот франк кој се купува за 103,6 леки, а се продава за 104,9 леки.
Од друга страна, американскиот долар бележи благ раст, се купува 84 леки, а се продава за 85,5 леки.