
Албанија се извини за етикетирањето на македонската заедница како „северномакедонска“ од страна на амбасадорката во Софија
Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија достави извинување до македонската амбасада во Тирана, за етикетирањето на македонската заедница како „северномакедонска“ од страна на албанската амбасадорка во Софија.
Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија достави извинување до македонската амбасада во Тирана, за етикетирањето на македонската заедница како „северномакедонска“ од страна на албанската амбасадорка во Софија.
Како што потврдија за МИА од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), тоа доаѓа по острата реакција на македонската партија по интервјуто на амбасадорката за бугарски медиум.
– Упативме писмена реакција до повеќе институции, меѓу кои Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, Народниот правобранител, Комесарот за заштита од дискриминација, Делегацијата на ЕУ во Тирана, Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, американската и македонската амбасада во Тирана, додаваат од партијата.
Во реакцијата, МАЕИ побара јавно извинување од албанската амбасадорка и преземање мерки од страна на МНР за спречување на слични случаи во иднина, кои сериозно ги нарушуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции.
– По нашето барање, Народниот правобранител на Албанија отвори административна истрага и побара објаснување од Министерството за Европа и надворешни работи. Во својот одговор до Народниот правобранител, МНР истакна дека употребата на оваа терминологија била лапсус на албанската амбасадорка во Софија, без никаква заднина, и дека ги преземале сите неопходни мерки за вакви ситуации да не се повторуваат од страна на нејзини функционери, информираа за МИА од МАЕИ.