
Албанија потпиша договор со ЕИБ за финансирање на пругата Драч-Рогожина, ЕУ обезбедува 90 милиони евра
Во Тирана денеска вицепремиерката Белинда Балуку, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика, и директорот на Европската инвестициска банка, Лионел Рапај потпишаа договор за финансирање на стратешкиот железнички проект Драч – Рогожина, дел од коридорот VIII.
Во Тирана денеска вицепремиерката Белинда Балуку, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика, и директорот на Европската инвестициска банка, Лионел Рапај потпишаа договор за финансирање на стратешкиот железнички проект Драч – Рогожина, дел од коридорот VIII.
-Оваа железница е клучна артерија што ќе ја поврзе Албанија со европската транспортна мрежа и дополнително ќе ја зајакне улогата на нашата земја како поврзувачки регион во регионот. Потпишувањето на овој договор претставува уште еден важен чекор кон модернизација на нашата инфраструктура, рече Балуку.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која е во посета на Тирана оцени дека договорот ќе донесе големи придобивки за Албанија, отворање нови работни места, зголемување на трговската размена и зајакнување на врските со соседите и со Европската унија.
-Овој коридор е од стратешко значење, како важен елемент за воената мобилност и регионалната безбедност, особено во актуелниот контекст на меѓународната ситуација. Тоа ќе биде соодветен коридор меѓу земјите членки и НАТО за воена мобилност, што е многу важно за моментот во кој се наоѓаме, оцени таа.
Премиерот Еди Рама изјави дека следниот петгодишен период ќе биде време кога „железницата ќе се врати во Албанија“.
-Потпишувањето на договорот за финансирање на стратешкиот железнички проект Драч-Рогожина е дел од големата инвестициска програма во железничката инфраструктура и тоа е и причината што овој петгодишен период, до крајот на оваа деценија, ќе биде и петгодишен период во кој железницата ќе се врати во Албанија, рече Рама.
За изградба на пругата, ЕУ обезбедува 90 милиони евра, од кои 62 милиони евра се грантови. Вкупно, изградбата на пругата ќе чини 120,5 милиони евра.