Акција „Армагедон“ на српската полиција, уапсени се 12 педофили

Српската полиција соопшти дека во рамките на акцијата „Армагедон“ вчера биле уапсени 12 осомничени за педофилија и поседување содржини со детска порнографија.

„Осомничените се уапсени за постоење основан сомнеж дека извршиле кривични дела набавка, прикажување и поседување порнографски материјал со детска порнографија, искористување малолетници за порнографија и сексуално вознемирување“ соопшти полицијата.

Сомнежите се дека тие подолго време преку интернет преземале, снимале на уреди и споделувале содржини направени со искористување деца во порнографски цели.

Исто така, полицијата се сомнева дека тие преку социјалните мрежи и мобилни апликации стапувале во контакт со деца и од нив набавувале содржини направени со искористување деца за порнографија, соопшти српската полиција.

„Осомничени се дека договарале и оствариле средби со малолетници со цел стапување во сексуални односи. На осомничените им е одредено задржување до 48 часа и тие, со кривична пријава, ќе бидат изнесени пред надлежното обвинителство“, соопшти српското министерство за внатрешни работи.