Актер од оскаровецот „Паразит“ пронајден мртов во својот автомобил во Сеул

Јужнокорејскиот актер Ли Сун-кјун (48) кој играше една од главните улоги во оскаровецот „Паразит“ е пронајден мртов во својот автомобил во Сеул.

Полицијата во изјава за јужнокорејските медиуми соопшти дека менаџерот на Ли прво го пријавил актерот за исчезнат, а тој бил пронајден мртов во својот автомобил во средата наутро.

Ли претходно беше под истрага за наводи за користење марихуана и други дроги. Беше обвинет во дел од голема операција против наркотици во Јужна Кореја, во која беа вклучени бројни познати личности.

На 23 декември актерот беше повикан во полиција и задржан 19 часа пред да биде ослободен следниот ден. Во текот на истрагата, сите тестови за дрога на Ли беа негативни.

Инаку, во филмот „Паразит“ Ли го играше Парк Донг-ик, таткото на богатото семејство Парк. Корејскиот филм освои четири Оскари во 2020 година, вклучително и за најдобар филм.