Аксиос: Вашингтон се обидува да спречи колапс на мировниот договор за Газа

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да спречи понатамошни инциденти во Газа што би можеле да доведат до пропаѓање на мировниот договор, по пропаѓањето на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас, објави денеска „Аксиос“.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да спречи понатамошни инциденти во Газа што би можеле да доведат до пропаѓање на мировниот договор, по пропаѓањето на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас, објави денеска „Аксиос“.

Весникот наведува дека американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер разговарале по телефон со израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер и дека САД побарале од Израел да „одговори пропорционално, но да покаже воздржаност“ по нападот врз израелските армиски трупи во јужниот дел на Појасот Газа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија претходно денеска дека извршиле воздушни напади во Газа откако милитантите на Хамас излегоа од тунел во областа Рафа и испукаа противтенковски ракети кон израелските војници. Како одговор на инцидентот, израелската војска изврши околу 20 воздушни напади врз цели на Хамас во областа Рафа и на други места во Газа.

-Знаевме дека ова доаѓа. И колку подолго им е дозволено на овие момци да се напаѓаат едни со други, толку повеќе ќе се напаѓаат едни со други, изјави за „Аксиос“ висок функционер на администрацијата на Трамп.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштението изјави дека Хамас го прекршил прекинот на огнот и вети силен одговор, додека военото крило на Хамас негираше каква било вмешаност во инцидентот во Рафа, нагласувајќи дека е целосно посветено на прекинот на огнот.

-Не сме свесни за никакви инциденти или судири што се случиле во областа Рафа, бидејќи ова се области под израелска контрола и контактот е прекинат со нашите групи што остануваат таму, соопшти военото крило на Хамас.

Американски функционер изјави дека претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ја пренеле пораката во телефонски разговор со израелскиот државен министер Рон Дермер и други функционери дека фокусот треба да биде на изолирање на Хамас поради неговите прекршувања и дејствија и брзо дејствување за создавање алтернатива на Хамас во Газа, наместо обновување на војната. „Никој не сака да се врати на целосна војна. Израелците сакаат да му покажат на Хамас дека има последици без да се уништи мировниот договор“, додаде американскиот функционер.

Американските функционери изјавија за Аксиос дека администрацијата на Трамп значително ќе го зголеми надзорот врз спроведувањето на мировниот договор за Газа за да се осигури дека нема да се распадне. „Следните 30 дена ќе бидат критични. Сега сме задолжени за тоа што ќе се случува во Газа во однос на спроведувањето на договорот. Ние ќе ги донесеме одлуките“, рече американскиот функционер.

Друг американски функционер рече дека од посетата на Трамп на регионот минатата недела, и Хамас и Израел презеле активности што предизвикале загриженост во врска со континуираното спроведување на мировниот договор. „Ситуацијата останува многу неизвесна“, рече тој.

Се очекува потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, Виткоф и Кушнер, да пристигнат во Израел следната недела за да разговараат за спроведувањето на следната фаза од договорот.