Комисијата за заразни болести (КЗБ) на денеска одржаниот состанок одлучи да даде препорака за укинување на носењето маски за учениците во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии за учениците во основните и средните училишта. Ова на јавноста и го соопшто портпаролот на Комисијата – Злате Мехмедовиќ.
Тој посочи дека се уште важат препораките наставниот и техничкиот кадар да носат маски.
„За укинување на останатите мерки ќе почекаме уште една недела. Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува бројот на заразени и хоспитализирани“ – додаде д-р Мехмедовиќ.
Во врска со тоа дали следен чекор и препорака на Комисијата ќе биде укинување на носењето маски за студентите на факултетите, рече дека ќе видат каква ќе биде епидемиолошката состојба.
– Имаме позитивен тренд кој ни ветува многу дека можеме да размислуваме за тоа да се релаксираат мерките. Работиме согласно онаа алатка за оценување на епидемиолошки кризи. Се покажа како квалитетна. Сега засега не гледаме дека имаме влошување на состојбата, се уште таа е стабилна. Ако продолжи начинот на кој се одвиваат работите и ако тие се одвиваат со овој тек, може да очекуваме дека и таа мерка многу брзо ќе биде на дневен ред, можеби на следната седница, рече д-р Мехмедовиќ.