„Ако не ги отвориме границите би ни требало речиси една недела за да се посетат најпознатите градови во регионот, а на граничните премини во сезона треба да чекаме четири до пет часа“.
Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши на првата панел сесија на тема „Отворен Балкан отвора туризам“ на самитот на Отворен Балкан во Охрид.
Тој рече дека „преку ваквите иницијативи и договорите што заеднички ќе ги потпишеме и нема да ги оставиме само на хартија ќе преземеме конкретни мерки да се намали моменталното време што граѓаните и туристите го губат на граничните премини на чекање, а зошто и воопшто да го нема. Само на тој начин ќе можеме да привлечеме туристи и од трети земји“.
Со заедничка соработка, подвлече, може да се развијат нашите земји, но и да има повеќе туристи и тоа не само од регионот, туку и од трети земји.
– Затоа секогаш ќе ги поддржиме регионалните инцијативи и ќе ги промовираме земјите од Западен Балкан како што ги промовираме нашите туристички дестинации. Убеден сум дека тоа го делат и Србија и Албанија, а зошто да не во иднина и Косово. Само на таков начин можеме да помогнеме во развојот на нашите земји. Доколку некој турист од Азија би сакал да го посети регионот ќе треба да изгуби речиси цела година да за да добие две или три визи и со нив да посети две или три места кои се на два часа. Затоа треба да ги усогласиме визните режими за да привлечеме и туристи од трети земји, посочи Бектеши.