Јамболиите, ќебињата и јорганите повторно се враќаат во игра во пресрет на студената скопска зима. На нешто повеќе од две недели до грејната сезона, која почнува на 15 октомври, скопјани се загрижени дали ќе имаат парно. Не се знае кој ќе биде задолжен да ги грее жителите на главниот град на државата и дали воопшто ќе има парно, оти се уште не е избрано која фирма ќе го прави тоа. Власта, пак, порачува граѓаните да бидат спокојни.
Владата на почетокот на годинава го презеде управувањето со парното, оти најголемата фирма што беше задолжена за централното греење во главниот град на Македонија, се откажа откако цените на плинот нагло пораснаа на светските берзи. Со Балкан енерџи груп (БЕГ) потоа управуваше државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Дел од скопските населби, како Железара, Автокоманда и Хиподром се греат на „железарското парно“ во сопственост на ЕСМ Енергетика, и тие засега немаат проблеми. Во меѓувреме, државната компанија за производство на струја ЕСМ формираше три фирми кои треба да го преземат управувањето со парното во Скопје, но работите заглавија, а граѓаните се растрчаа по алтернативни решенија.