Ако Мицкоски се претставува за криминофоб, тогаш што мисли за 150 дивоградби во Чаир – прашува Османи

➡ Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на скопски Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), на денешната прес-конференција во рамки на кампањата за локалните избори се осврна на вчерашната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која негираше дека е албанофоб, туку посочи дека е криминалофоб, кој ги презира политичките криминалци што во политиката влегле како голтари, а излегле како милионери, богатејќи се на грбот на граѓаните.

Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на скопски Чаир од ДУИ и „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), на денешната прес-конференција во рамки на кампањата за локалните избори се осврна на вчерашната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која негираше дека е албанофоб, туку посочи дека е криминалофоб, кој ги презира политичките криминалци што во политиката влегле како голтари, а излегле како милионери, богатејќи се на грбот на граѓаните.

Османи посочи дека неговата претходна изјава во која го нарекува Мицкоски албанофоб не е личен напад или лично етикетирање, туку дека е заснована врз факти и аргументи.

„Она што го кажав вчера не беше личен напад, туку наведов факти зошто сметам дека е албанофоб. Реков, во неговиот тим нема ниту еден Албанец, на патувањата не зема со себе ниту еден Албанец, го укинува ‘балансерот’ за да не ги гледа во институциите, го укинува албанскиот јазик за да не го слуша по институциите. И тоа се аргументи на кои го засновувам мојот став. Ако еден од нив не е точен, ајде да видиме, нека ме демантира дека тоа што не го кажав е точно“, кажа тој.
Но, Османи се осврна и на одговорот на Мицкоски дека не е албанофоб, туку криминалофоб и постави директно прашање до премиерот, што мисли тогаш за 150 дивоградби во Чаир или дека за плоштадот „Скендербег“ се земени провизии.

„Еве, ќе го прашам што мисли за 150 нелегални објекти во Чаир што немаат платено данок или средствата завршиле во нечии џебови. Овие нелегални згради го гушат Чаир. Жителите прават бунари зашто овие нелегални згради ја преземаат водата од водоводот што не е предвиден за тие згради. Што мисли за изјавата на Антонијо Милошоски дека за плоштадот ‘Скендербег‘ се земени толку и толку проценти од таа и таа компанија“, вели Османи.

Според него, Мицкоски сака слаби албански политичари што може да ги контролира и уценува.

„Така мисли дека може да менаџира со една заедница. Ако сакате да имаме респект меѓу себе, вие треба да ја почитувате албанската заедница и вредностите на таа заедница. Не може премиерот да рече дека негова мисија на овие избори е да исчезне Демократската унија за интеграција (ДУИ) од политичката сцена. Замислете, најголемата политичка партија на Албанците тој сака да ја избрише од политичката сцена. Но, не може да не потценува“, рече тој.

Посочи дека ова што го прави Мицкоски нема да влијае на соживотот во Чаир.

„Чаир ќе биде оаза на соживотот. Ако Мицкоски го укинува ’балансерот’, јас ветив дека ќе правам фонд за правична застапеност за заедниците во Чаир, бидејќи Албанците се тука мнозинство и мора ние да пристапиме и да им помогнеме на помалите заедници. Ако го укинува албанскиот јазик, тука ќе правиме одделение за јазици, не само за македонскиот и албанскиот, туку и за босанскиот, турскиот, па и за ромскиот јазик“, кажа Османи.

Оваа кампања, како што додаде, се претвори во референдум за враќање на достоинството на позицијата на Албанците во државата.

„Ако дозволиме тие да го изберат ‘посакуваниот‘ албански претставник, вие знаете каква линија ќе изберат. Ќе изберат кој е помалку отпорен, кој е помалку силен, кој е послаб, кој е поранлив поради минатото“, вели кандидатот за градоначалник за Чаир од НАИ.

Од Неготино, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека не е албанофоб, како што го нарече Османи, туку дека е криминалофоб, кој ги презира политичките криминалци што во политиката влегле како голтари, а излегле како милионери, богатејќи се на грбот на граѓаните.

„На секој митинг ги слушам од раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) како ме нарекуваат ваков, таков, па споменуваат орли, зајаци, за да последно ме наречат албанофоб. Еве, јас тука од Неготино, би сакал и на нив да им одговорам. Јас не сум албанофоб, ниту, пак, човек што е ксенофоб, кој има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина Македонија. Но, да. Јас сум криминалофоб и презирам политичките криминалци што во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери“, рече Мицкоски.

Османи, коментирајќи ги критиките на премиерот насочени кон ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, кому, пак, му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија, го нарече Мицкоски албанофоб.