Ако во СДСМ продолжат неодговорно да се однесуваат, може да не освојат ниту една општина, вели Мицкоски

Мицкоски најави дека на 28 мај ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата, на која ќе бидат презентирани десетици имиња на кандидати за локалните избори.

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи ќе имаат убедлива победа на претстојните локални избори, при што оцени дека опозициската СДСМ ќе има тешкотии да освои дури и една општина.

„Врз основа на бројките што ги добивам, очекувам убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи. Можеби онаму каде што е конкурентен СДСМ се две до три максимум четири општини, иако, да бидам искрен, ако вака продолжат неодговорно да се однесуваат, можеби и да немаат освоено општина на следните локални избори“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по неговата денешна посета на Тренинг центарот во Идризово.

Тој вели дека ова би можело да се случи бидејќи малкутемина што ја поддржуваат СДСМ играат на картата на кратко помнење на граѓаните и на нихилистичка политика и нагласи дека не е можно сè што прави Владата да е лошо.

Мицкоски најави дека на 28 мај ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата, на која ќе бидат презентирани десетици имиња на кандидати за локалните избори. Претходно, тој и неговиот тим ќе подготват листа на потенцијални кандидати.

„Некаде кон крајот на месецот, мислам дека на 28 мај, е закажана седница на Извршниот комитет на партијата. Ден претходно со генералниот секретар на партијата и со луѓето што ги анализираме анкетите, а се дел од тимот од мојот кабинет, ќе направиме листа од неколку десетици имиња што ќе ги претставам пред Извршниот комитет, а потоа процедурата е доколку добијат зелено светло да се оди пред Централниот комитет каде конечно се одобрува кандидатурата на локалните избори“, објасни Мицкоски.

Премиерот, исто така, најави структурни промени во партијата по редовниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се одржи кон крајот на годината.

„Што се однесува до промените, логично е и тоа веќе многу пати го најавив дека во рамките на структурата на партијата, веднаш по редовниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што ќе биде некаде кон крајот на годината да има голем број структурни промени во рамките на партијата, но и на општинските комитети“, додаде Мицкоски.

Во однос на Владата, Мицкоски порача дека претстојниот период ќе бара дополнителна енергија и посветеност за решавање на многубројните проблеми наследени од претходната власт.

Тој призна дека има незадоволство кај граѓаните поради разочарувањето, излажаноста и измаменоста децении наназад, но рече дека работат трпеливи и дисциплинирано.