
Ако Владата не предложи кандидати за судот во Стразбур, македонски судија останува Јован Илиевски, баџанакот на Мијалков
Ако задоцни Владата со процедурата за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права и слободи (ЕСЧПС), што е извесно поради одолговлекување и поништување на претходниот оглас без образложение, судија продолжува да биде Јован Илиевски.
Ако задоцни Владата со процедурата за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права и слободи (ЕСЧПС), што е извесно поради одолговлекување и поништување на претходниот оглас без образложение, судија продолжува да биде Јован Илиевски. Правилата се такви, до изборот на нов судија продолжува тој на кој му истекол 9-годишниот мандат, а ако не сака, тогаш се одредува ад хок од судиите од другите земји, објавува СДК.
Илиевски беше шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во времето на Никола Груевски и баџанак на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков. Стана шеф на Обвинителството за организиран криминал во време кога немаше Совет на јавни обвинители. Во времето на Илиевски немаше ниту една истрага за корупција против власта на ВМРО-ДПМНЕ, поради што се формираше Специјалното јавно обвинителство.
На Илиевски мандатот како судија во ЕСЧПС во Стразбур му истекува на први февруари 2026 година. Министерството за надворешни работи во март распиша оглас за избор на кандидати за македонски судија во Европскиот суд за човекови права и слободи и до мај избра и до Владата предложи тројца кандидати што исполнуваат услови: обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
На кандидатите им беше нејасно зошто Владата не ја праќа листата до Советот на Европа за да тече таму процедурата и проверката преку интервјуа. Дури на крајот на јули Ристоска, Гајдова и Апостолски дознаа од интернет-портали дека Владата решила ниту еден од нив не ги исполнува условите и оти воопшто листата не била испратена до Стразбур.
По ова јавно се побунија Гајдова и Ристоска бидејќи Владата не ги известила воопшто. Тие не знаат кои услови не ги исполнуваат. До денеска немаат добиено некакво образложение, а МНР веќе формираше нова комисија.
Ристоска на 31 јули на Фејсбук напиша дека врз неа биле вршени притисоци да ја повлече кандидатурата. Таа се уште ги води „Талир 1“ за перење пари од страна на поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, кое што е замрзнато како имот, додека трае постапката, судењето.
Ленче Ристоска: Два месеци ме клеветеа и укажуваа дека треба да ја повлечам кандидатурата
„Со оглед дека Владата одбива да даде појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваме како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа, сакам да појаснам неколку работи. Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна“, напиша Ристоска.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не ги коментира изнесените ставови на кандидатите, додавајќи само дека вистинската вистина ја кажувала Владата. Но, јавноста не ја слушна ни вистинска, ни невистинска вистина од Владата, туку само дека кандидатите не ги исполнувале условите.
Новата комисија која ќе филтрира и ќе предложи најдобри кандидати до Владата, уште не распишала Јавен оглас за избор на кандидати за судија на Македонија во Европскиот суд за човекови права.
Во неа членуваат: Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кому парламентарното мнозинство му ја отфрли поднесената интерпелација против него, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани (избран во 2011 година, директно за Апелационен суд Скопје), претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија (избран и тој во 2011 година директно во Граѓански суд, без академија), новата в.д. претседателка на Кривичниот суд Даниела Димовска (поранешна советничка на Трајко Вељаноски и Љубиша Георгиевски, двајцата од ВМРО-ДПМНЕ и сопруга на советникот на Тимчо Муцунски, Тане Димовски) и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители Ирина Трајковска-Стрезоски (избрана по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, на затворен дел на седница на УО на Академијата, спротивно на законот, за што случајот е на суд).
Извор: САКАМДАКАЖАМ.МК