Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е подготвена и има капацитет заедно со универзитетските професори и научната заедница за изработка на заедничка стратегија за развој на Македонија до 2050 година.
Највисоката научна институција во Македонија со отворени раце ја прифати и во целост ја поддржува заложбата на претседателот на Владата, Хрстијан Мицкоски да се изработи документ во кој ќе се дефинираат приоритетите за развој на државата во следните 25 година. Претседателот на МАНУ, Живко Попов вели дека токму тоа е и основната цел на институцијата што ја води, објави Алфа.
– Секако, Македонската академија на науките и уметности го поздравува и поддржува предлогот на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски за избработка на заедничка стратегија за развој на државата до 2025 година. Впрочем, тоа е дел од нејзината основна дејност, да изработува стратегии за најважните области по кои треба да се движи државата како што се образованието, науката, економијата, владеењето на правото, здравствениот систем, земјоделието, енергетиката, пензискиот систем и друго – вели претседателот Живко Попов во изјава за Алфа.
И академик Владо Камбовски смета дека повеќе од потребно е да се работат стратешки документи за иднината на државата, особено дека се подготвуваме за почеток на преговорите со ЕУ. Според Камбовски, само преку таков проект може да се надминат и поделбите во државата, објави Слободен печат.
Академик Камбовски потсетува дека една стратегија била подготвена од МАНУ во 1995 или 1996 година, и тоа за економскиот развој, а во неа учествувала голема група домашни и странски експерти. Следен стратешки документ бил подготвен на 50-годишнината на МАНУ, а третата стратегија во која учествувала Академијата е долгорочната стратегија „Македонија 2044“ која ја работела УНДП и други странски партнери и која сега е пред пратениците.
– Добар е овој правец на размислување, да се работат такви стратешки документи што ќе ја одредуваат насоката на политиките и, независно од промената на власта, на владите, ќе се знаат кои се целите, патиштата, начините како да се стигне до тие цели. Стратешкото планирање ни е исклучително важно. Мислам дека во последно време почна да се размислува повеќе стратешки затоа што на тоа нè обврзува и целиот процес на европски интеграции кој самиот по себе бара висок степен на подготовка и планирање, особено кога ќе почнат преговорите за ЕУ. Во сите овие делови, за кои, практично, ние треба да најдеме одговори на сите подрачја на функционирањето на ЕУ – од владеењето на правото кое е прво поглавје, па до последните кои се наредени во кластери. Значи, несомнено дека е повеќе од потребно да се работат стратешки документи и на крајот сето тоа да се усогласи во еден долгорочен поглед на иднината на земјата. Само на тој начин можат да се надминат внатрешните поделби, партиски, идеолошки и други, што не нè доведоа до некој сјаен резултат во изминатите години – вели Камбовски.
СДСМ веднаш го отфрли предлогот на Мицкоски
Наспроти Академијата, политичката елита или во старт ја одбива иницијативата на премиерот или е затечена. Опозицискиот СДСМ веднаш го отфрли предлогот на Мицкоски со аргумент дека долгорочна стратегија има и дека премиерот кажува празни зборови. Владините партнери ЗНАМ и Вреди се без коментар, зашто во Владата досега не разговарале за стратегијата која ја најави Мицкоски.
– За повикот на премиерот Мицкоски може да истакнам и со аргументи и со факти дека СДСМ докажал дека никогаш не бил кочничар на развојот на државата на секое ниво, во секој сектор што значи подобар живот и за целата држава, подобар живот за граѓаните. Така што, да го разгледаме прво предлогот што го нуди Мицкоски, потоа и би се произнеле околу неговиот последен повик – изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од партијата, пак, соопштија дека државата веќе има национална стратегија која претходната влада, со помош на експерти и претставници на сите политички партии, ја изготвила и ја поднела до Собранието – Стратегијата за развој 2024-2044.
– Тоа е платформата околу која треба да се води разговорот, а Собранието е местото каде што се одржуваат овие дебати. Фактот што Мицкоски го деградира Собранието како форум за вакви важни теми е само доказ за неговата несериозност. Мицкоски веќе повикуваше на обединување околу 10 точки и вредности што самиот не ги почитува. Сега повикува на обединување околу стратегија која веќе постои, па овој пристап го сметаме за крајно несериозен. Мицкоски за четири месеци не понуди конкретни и мерливи цели во ниедна стратешка област, цели за кои државата би имала план и временска рамка за реализација. СДСМ, за жал, препознава само празна реторика со која Мицкоски се обидува да се прикаже како конструктивен политичар, но во реалноста тоа не е така – велат од партијата на Венко Филипче.
Според СДСМ, од досегашните политики на Мицкоски не може да се препознае ниедна политика којашто е во интерес на граѓаните околу која би можеле да се обединиме. Оценуваат дека има паушално најавена борба против корупцијата и криминалот, безбедноста во државата е на најниско ниво, има назадување на демократијата, паралелни институции формирани од Вреди, се создаваат паралелни академии на науки и се врши брутална партизација.
– Додека ВМРО-ДПМНЕ не созрее и не разбере дека обединувањето не смее да се користи како политичка флоскула и манипулација, туку за тоа е потребно вистинско лидерство, државата, за жал, нема да напредува – констатира СДСМ.
Премиерот Мицкоски предлага стратегијата да вклучува долгорочни цели во контекст на демографските, економските и технолошките предизвици, како и развојот на енергетиката и транспортот. По дефинирањето на контурите на проектот, Владата ќе бара широк партиски консензус.