Азески со писмо до Мицкоски – бара промена на законот што ги ограничи трговските маржи
Стопанската комора на Северна Македонија бара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да се стави крај на проблемите со цените што постојано растат во маркетите.
Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора преку писмо од четири страници, до кое дојде Телма, му сугерира на премиерот Христијан Мицкоски што не чини во документот.
Во писмото стои дека во ЕУ субјектите на пазарот имаат повеќе простор да се адаптираат на новините. Како проблем што го потенцира Азески во писмото е периодот на прилагодување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
„Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во Република Северна Македонија преоден период не е оставен, освен за добавувачите и за купувачите кои склучувале договори за снабдување, за кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година“, пишува Азески во писмото до Мицкоски.
Од комората бараат да се избрише делот од законот со кои се ограничува рабатот кои добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат и условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
„Претставниците на добавувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот. Предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот на усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите кои се засегнати од него“ – се вели во писмото.